Блаженствата можат да ги сфатат само оние кои се отворени за Светиот Дух
Ватикан, 10.6.2013 /к.мк/ – Вистинската слобода се раѓа од отворањето на срцето кон Господ – истакна Светиот Отец во проповедта на Света Литургија во понедлник 10 јуни во капелата на домот на света Марта. Папата подвлече дека спасение е да се живее во утехата на Светиот Дух, а не во световниот дух. На Светата Литургија учествуваа свештеници и лаици, вработени во Папскиот совет за лаици.
Што е утеха за некој христијанин? Со ова прашање Светиот Отец ја започна проповедта истакнувајќи дека свети Павле, на почетокот на Второто послание до Коринтјаните, често го употребува зборот утеха. Апостолот им говори на „ младите христијани во верата“, луѓе кои што туку тргнале по Исусовиот пат. Апостолот продолжува со говорот за утеха, иако не беа сите прогонети. Беа нормални луѓе, преобратеници. Тоа е голема промена во животот и затоа е потребна посебна Божја сила, а таа сила е утехата. Утехата е Божјата присутност во нашето срце. Меѓутоа за да може Бог да биде во нашето срце, потребно е да се отвори вратата, потребно е нашето преобраќање – подвлече Папата.
Спасението е ова: да се живее во утехата на Светиот Дух, а не во утехата на световниот дух, бидејќи таа утеха не е спасение туку е грев. Спасението е да се оди напред и да се отвори срцето да дојде утехата на Светиот Дух, таа е спасение. А зарем не би можело малку да се промешаат, да се биде малку на едната и другата страна? Малку од Светиот Дух и малку од оној световниот дух… Не! Или едното или другото – објасни Папата. Господ тоа јасно го вели: Не може да им се служи на двајца господари: Или му се служи на Бог, или на световниот дух. Не може да се промешаат. Затоа, ако сме отворени кон Господовиот Дух можеме да ги сфатиме новите заповеди кои ни ги дава Господ: блаженствата, за кои говори денешното Евангелие. Блаженствата можат да се сфатат единствено ако некој има отворено срце, да се сфатат преку утехата на Светиот Дух, а не можат да се сфатат само со човечкиот разум – објасни Папата.
Тоа се новите заповеди. Меѓутоа, ако немаме срце кое е отворено кон Светиот Дух, тогаш ќе изгледаат како глупости. Значи, да се биде сиромашен, благ, милосрден не изгледа како нешто што води до успех. Ако немаме отворено срце и ако не сме ја искусиле утехата на Светиот Дух, во што е спасението, тогаш не можат да се сфатат новите заповеди. Тие се за спасените, за оние кои своето срце го отворија за спасението. Тоа е законот на слободните, со слободата на Светиот Дух – истакна папата Фрањо.
Некој може да го организира животот во согласност со листа на закони или процедури, со човечките закони. Меѓутоа на крајот тоа нас не нè води кон спасението, единствено отвореното срце води кон спасение. Папата потсети на подготвеноста на многумина да ја проучат новата наука и потоа да се препираат со Исус. А тоа се случуваше бидејќи срцето им беше заробено со нивните работи, кои Бог сакаше да ги промени – рече Папата прашувајќи: Зошто срцето на некои луѓе е затворено за спасението? Бидејќи се плашиме од спасението – одговори Папата. Потребно ни е спасението, меѓутоа се плашиме, бидејќи кога ќе дојде Господ да не спаси тогаш мораме да дадеме сè. Тогаш заповедува Тој. А ние се плашиме од тоа, бидејќи сакаме да заповедуваме. За да можеме да ги сфатиме новите заповеди потребна ни е слобода која се раѓа од Светиот Дух, Кој спасува, утешува и дава живот – истакна Светиот Отец.
Денес можеме да молиме од Господ благодат за да го следиме, меѓутоа во слободата која ни ја дава Духот. Бидејќи, ако сакаме да Го следиме само со својата човечка слобода, на крај ќе станеме лицемери како фарисеите и садукеите, кои се препираа со Исус. Лецемерието се состои во ова: Да не му дозволиме на Светиот Дух со своето спасение да Го промени нашето срце. Слободата на Духот, која ни ја дава Духот, исто така е некој вид на робување, меѓутоа робување кон Господ кој не ослободува, а тоа е друг вид на слобода. Напротив, нашата слобода е само наша, робување на световниот дух. Да молиме за благодат своето срце да го отвориме за утехите на Светиот Дух, бидејќи таа утеха, кое е спасение, ги осветлува овие нови заповеди. Амин. (с.с.)