Бискупот Стојанов упати Проглас за прослава на канонизацијата на блажена Мајка Тереза
До сите верници и луѓе со добра волја
Драги браќа и сестри, зборот МАЈКА е најубавиот збор што сите ние го изговараме. Зад секој исполнет живот стои – МАЈКА. МАЈКА во семејството е голема чест, а МАЈКА во најшироката смисла на зборот – во човештвото – е најрадосната вест во ова наше време. Светците се богатство на Земјата и украс на Небото. Мажите и жените кои со својот живот блеснаа во светоста, се тоа што човештвото може да го даде низ времето. Сведоци сме на големите настани во историјата на човештвото и во историјата на нашата црква. Тоа што еден народ, крај или град може да го доживее како најголема радост е славата на припадникот на тој народ, на таа земја или град. Сите нас нѐ израдува веста дека блажена МАЈКА Тереза, која е родена во Скопје и била наша сограѓанка до своите 18 години, на 4 септември 2016 со чест ќе биде издигната на олтарот, како светица на Католичката црква во целиот свет.
Светците се како небесна светлина. Тие ја осветлуваат темнината на нашите ноќи. Тие се ориентири и знаци за полнотата на животот. Мајка Тереза вели: „Ако некогаш станам света – постојано ќе бидам отсутна од небото – за да палам светло на оние кои се на земјата во мрак“. Светците се одраз на Божјата светост, а преку нив таа се отсликува и станува присутна во секое време. Многумина од вас имаа среќа блажена Мајка Тереза да ја сретнат за време на нејзиниот животен пат, а сега ја имаме радоста да ја славиме како светица на Католичката црква во целиот свет. Така тоа светло кое засветли на небесниот свод во сиот сјај, најнапред ги осветли оние за кои таа живееше – најсиромашните меѓу сиромасите – а преку нив со Божјиот говор ни прозборе на сите нам: „доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле“ (Мт 25,40). Жена од народот – од нашиот град – таа стана најпопуларна граѓанка на оваа планета ,препознатлива токму по својата мајчинска добрина од која човештвото живее и ќе живее. Нобеловата награда за мир е голема чест и за Скопје, зашто за сега таа е единствената Нобеловка од овој град.
Најголема болест на Западот денес не е ниту туберкулозата ниту лепрата, туку да не се биде сакан, да не се биде пожелен и да се нема никој кому би му значеле. Телесните болки може да ги лекува медицината, но единствениот лек за осаменост, очај или безнадежност е љубовта. Во светот има многу луѓе кои умираат за корка леб, но има повеќе кои умираат за малку љубов. Сиромаштијата не е само сиромаштија поради осаменост, туку и поради отсуството на духовното. Постои глад за љубов како што постои и глад за Бог, порачува Мајка Тереза. Мајка Тереза со својата мајчинска љубов се понизи пред оние во најголема потреба, најсиромашните, најгладните, пружајќи им го само она што го имала во изобилство, а тоа беше љубовта. Таа љубов ја учела во секојдневната средба со Бог кој е Љубов. Од срцето на Милосрдниот Исус научила да биде милосрдна и да зборува со јазикот на милосрдието подеднакво разбирлив и употреблив, како за богатиот така и за сиромавиот, за малиот и големиот, за здравиот и болниот, без разлика на која вера и на која раса припаѓа. Таа не настапуваше во свое име, туку во името на Оној кој е Татко на сите нас, а по Исус Христос станува воплотен и сега живее во секој „негов најмал брат“.
Таа е поставена на небескиот свод да свети тука на земјата и со својот живот да го повикува секој од нас да биде свет. Светоста е одблесок на Добриот Бог и наједноставен начин за наш одговор до Исус во неговата жед да му помогне на секој човек. Да се биде Исусов збор, Исусов поглед, Исусов допир, Исусов глас беше служењето на Мајка Тереза. Живееше секогаш во сенка, бидејќи сакаше најпрво луѓето да ја препознаат добрината Божја и Исусовото лице во секој човек. На тоа нè повикува и нејзиното прогласување за светица.
Како бискуп на нејзиниот роден град ги повикувам сите верници и луѓе со добра волја достоинствено да се подготвиме за тој голем ден што ќе се случи во Рим. Исто така, повикувам на молитва, тој настан да придонесе за доброто на нашиот град, на нашата земја и нашиот народ.
Татковинската прослава ќе започне во Скопје веднаш по нејзината канонизација во Рим и ќе се одвива во текот на целата седмица (од 5 до 11 септември 2016), а ќе заврши со Евхаристиско славење кое ќе се случи на местото на нејзината родна куќа при што ќе биде прогласено светилиштето на света Мајка Тереза. Ги повикувам граѓаните на Скопје познати по својата гостопримливост и во овие денови да се покажат како добри домаќини. Како учесници во славењето на овој настан ги повикувам и сите оние од останатите делови на земјата кои имаат желба да присуствуваат и да учествуваат на овие настани да ни се придружат во градот на новата светица. Добредојдени се.
Уверен дека и сега со својата детска љубов блажена Мајка Тереза го сака својот град, молам за нејзино застапништво и Божји благослов за сите вас. На радост нека ни биде воздигнатата светост – новата светлина – запалена по крштевањето во Скопје на 27 август 1910 година.
+ Киро Стојанов, бискуп