По повод празникот на Сите Светии и Денот на мртвите бискупот Стојанов на 1 ноември 2023 година служеше света Литургија на гробиштата Бутел во Скопје во сослужение на катедралниот парох о. Винко Маслаќ и о. Марјан Ристов, канцелар и економ и катедралниот капелан Томислав Рукавина. На светата Литургија присутвуваа монашките заедници присутни во Скопје и голем број верници, оддавајќи молитвена почит кон своите починати.
Бискупот Стојанов во својата проповед рече: Се наоѓаме на светата нива посеана со коските на нашите покојни. Чудна е оваа нива, посеани се и повеќе не даваат никаков плод. Дури и жетвата е завршена, но кога ќе погледнеме на себе тогаш во овие гробови ги препознаваме и своите корени. Ние сме плодови на нивниот живот и затоа посебно на денешниот празник на Сите Светии одеднаш оваа покосена нива расцветува. Полна е со цвеќе, свеќи и луѓе. Секој од овие гробови има своја историја, но и своја порака за нас. Нема да биде добро да отидеме од оваа место, а да не понесеме барем некоја од пораките од оние кои се во таква гробна тишина, а, сепак, говорат, истакна бискупот Стојанов.
Во продолжение рече: Да се обидеме да застанеме покрај гробот на своите предци и да ги прашаме длабоко во срцето: Што најмногу им се исплатило во животот? Што ќе ни одговорат? Сосема сигурно одговорот нема да биде упатство како да се биде на земјата земен, туку ќе не предупредат како да живееме достоен живот на човек во Духот и Вистината. Тоа е пораката од онаа другата страна на крајбрежјето на животот.
Така, на празникот на Сите Светии, нашите очи гледаат неброено мноштво светци на онаа другото крајбрежје кои со големо задоволство не чекаат. Нашата визија е јасна: загледани сме во вечниот живот кое што крајбрежје го наслутуваме на оваа гробишта, заклучи бискупот Стојанов.
к.мк