Бискупот Стојанов служеше Литургија за Татковината

Бискупот Стојанов служеше Литургија за Татковината

На 8 септември 2018 година, денот кога Република Македонија го прославува празникот на државноста и независноста, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Стојанов служеше света Литургија за Татковината во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. На светата Миса со бискупот Стојанов сослужуваа свештеници од Скопска бискупија и Струмичко – скопската епархија, во присуство на голем број верници. Неговата проповед ја пренесуваме во целост:

Почеток за подобар свет

Драги браќа и сестри, на една Црква посветена на Марија Снежна стои натпис: Melioris mundo origo – почеток за подобар свет. Навистина, роденденот на Марија е почеток за подобар свет во смислата на можноста по нејзе избрана од Бога да се роди Спасителот на светот Исус Христос, што е и почетник на новата ера со што севкупната историја на човештвото е поделена на време пред и време после Христос. Ние сме наследници на една цивилизација и култура што на овие простори доминирала 1000 години како христијанска цивилизација. А тогаш во време на историјата во не толку лесни настани таа историја се менувала така што христијанската цивилизација полека била потиснувана и денес христијаните се фактор на историјата, но не само тие и не е само хртистијанска историја. Но, уште повеќе христијаните се повикани тоа што навистина е вредност и идентитет што го твораат христијанството да го навестуваат на сите луѓе со добра волја и тие вредности што се навистина вредности да останат и сега ѕвезди водителки, ориентација во наше време што е потчинето на големи и нагли промени каде е тешко човек да се снајде, а уште повеќе да се ориентира кон вистинските вредности. Во центарот на нашата вера стои Исус Христос, кој за себе рече: Јас сум Пат, Вистина и Живот. Христијанството не е асоцијација ниту здружение на граѓани, христијанството е живот што не е само наследување на Исус Христос туку овоплотение на Исус Христот како вистина на патот и живот во нашиот живот. Тоа е, значи, чекорење низ историјата не за Исус, туку со Исус. На тој начин христијанинот и како заедница и како поединец, искажувајќи го тоа сликовито е Христос во движење. Христијанството како живот не е идеологија и не се закони туку човек кој ги живее вредностите што Христос ги навестуваше и во својот дел на спасението ги овозможуваше. Неговата Мајка Марија ни е дадена во тестаментот под крстот: Еве ти Мајка, низ целата историја таа да ни биде Мајка, а таа Мајка е моќна Богородица што денес со својата молитва и застапништво пред Бога помага на браќата и сестрите на својот Син.

Сепак, драги пријатели, ние сме собрани на оваа Богослужение сеќавајќи се на една друга Мајка која слатко ја изговараме Татковина. За нас граѓаните на Македонија, а посебно за нас верниците на еден посебен начин Црквата не повикува да размислуваме и пред сѐ да се молиме за својата Татковина. Зошто?

Секој од нас е конкретна, неповторлива и единствена личност, но која за да може да опстане има релации на постоење кон барем две личности, а тоа се: Татко и Мајка. Човечката суштина како личност е тродимензионален однос Татко, Мајка и пород. На тој начин секој од нас е јас, но и ние. Никој не живее, барем не нормално ослободен од тие односи, сепак тие кои така живеат ги нарекуваме сираци. Често таквите ги сожалуваме, тој е сирак, нема ни татко ни мајка. Ниту сакаме, а ниту можеме да ги затвориме очите дека нормален човек се раѓа и уште повеќе се воспитува само во семејството. Тоа е темелно место и амбиент на настанот и растот на човекот. Сите останати елементи како што е школото и општеството само тогаш се корисни ако се во хармонија со семејното воспитување. Синхронизацијата помеѓу семејството и општеството е гаранција за едно ново општество. Семејството е, и ќе остане Melioris mundo origo – почеток на подобар свет. Кога понатаму размислуваме за поединецот и за семејството тоа е континуитет на постојноста низ историјата и не е паднато од небото, туку е воплотено, никнува и расте на конкретен терен. Затоа и се говори на многу верници мајка земја, татковина, со други зборови тоа подрачје во кое е синхронизација, хармонија на луѓе што се препознаваат како граѓани и наследници на историјата на еден крај имаат своја татковина. Не се ниту бежанци, ниту протерани, туку се свои на своето. Големиот папа свети Иван Павле II со задоволство зборуваше за земјата како куќа на сите нас. Повозрасната генерација повеќе одошто ние денес имаат искуство како воопшто куќата не е тесна кога нејзините членови во семејството живеат во разбирање и хармоничен склад. Како со времето помеѓу луѓето се подигнуваат ѕидови станува отуѓување, никогаш доста простор за еден, а камоли за повеќе лица. Со градбата на разделување и поделби сѐ почесто се копаат провалии, а сѐ поретко се градат мостови.

Што е тоа Татковина? Тоа е заедница на народи што на конкретна територија го живеат својот идентитет, својата слобода и напредување на својот живот носен од интересот за општо добро. Татковината, всушност, е природно право на човекот да не биде сирак, туку дека на тоа историско наследство на оваа парче планета да се наоѓа во својот дом. Таа Татковина ја прави богата што Бог ни ја дарува нејзе, на земјата. Сето богатство што овозможува еден нормален живот е наследство што го стекнале нашите предци, а нам ни го предале во понатамошно унапредување и така сме всушност генерација за генерации градители на Татковината. Татковина всушност се луѓе населени на таа територија што ја живеат одговорно својата историја и ја градаат.

Татковината не секогаш е дефинирана на национална припадност. Националноста е надтериторијална категорија, таа е култура на духот и душата со која што човекот го гради својот идентитет на култура и припадност на народот од кој што потекнува. Миграциите секогаш биле историска реалност, бидејќи човекот по природа е патник, поклоник на земјата низ која го поминува земскиот живот и влегува во живот вечен. Затоа, татковината е термин кој е колективен термин на сите оние кои се разликуваат по националност на таа територија, а сите заедно се одговорни за нејзино општо добро. За тоа општо добро да може да се координира и да се спречи себичност на поединци или групи, постои начин како на слободни избори се бираат тие на кои народот или народите им ја доверуваат таа координација за градење на општо добро. Тоа се луѓе што колективно под едно име ги нарекуваме луѓе на власт. Тие не се Татковина, туку на еден специфичен начин се во служба на општото добро на сите оние или на сите нас што ја твориме Татковината. За Татковината треба да не поврзува љубов, љубов и само љубов. Таа, љубовта, е широка, не е теснограда, не е исклучена, туку срдечна и подготвена за секоја жртва. Мојата Татковина може да биде за некои несфатена, за некои спорна, дури и за некои неприфатлива, но за мене не, бидејќи таа е мој родител. Затоа со право велиме, оној кој не ја сака Татковина е предавник. Оној кој ја поткрадува својата Татковина или го уништува нејзиното добро подеднакво е предавник, затоа ниту една декларација не е доказ за љубов кон Татковината, туку делата кон неа.

Браќа и сестри, тоа се причини што ги наоѓаме и во Библијата. Свети Павле заповеда дневно да се молиме за тие што нѐ водат. Не можеме да се измиеме со изговор на аполитичност, само да критизираме, а да не го помогнеме општото добро и оние што се на власт. Тоа е наша соработка или наш придонес, драги сограѓани. И затоа денес и на оваа света Миса го празнуваме денот на државноста, молејќи за Татковината и за сите луѓе, без разлика на нивната припадност, што Македонија ја носат во своите срца како своја Татковина. Нека Господ Бог го благослови секое настојување за правда и мир, мирен соживот и просперитет на нашата Татковина. Амин.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот