Папата: Папата повика на солидарност со Турција и Сирија и да не ја заборавиме Украина

Папата: Папата повика на солидарност со Турција и Сирија и да не ја заборавиме Украина

На крајот од Генералната аудиенција, папата Фрањо упати апел за Турција и Сирија, земји уништени од земјотресот во кој илјадници луѓе ги загубија животите, а безброј други се повредени: „Ги охрабрувам сите да се солидаризираат со овие области, кои делумно се измачувани и од војна“. Тој исто така поттикна на молитва за спасувачите, чија работа е отежната поради неповолните временски услови и големите оштетувања на патиштата. Светиот Отец го спомена и украинскиот народ кој – како што рече – е без струја и греење, а потсети и на жртвите од пожарите во Чиле.

Запрепастеност, близина, охрабрување, солидарност – ова се чувствата кои Папата ги изрази за страшната несреќа што ги погоди Турција и Сирија, силниот земјотрес во кој животот го загубија илјадници луѓе, а само во Турција 380.000 луѓе останаа без покрив над главата. .По двете телеграми што ги испрати до нунциите во тие земји и по вчерашната порака на Твитер од неговиот профил @Pontifex, папата Фрањо на 8 февруари 2023 година, на крајот од Генералната аудиенција, изрази жалење за оние луѓе кои пред свои очи видоа како куќите и градовите паѓаат и нивните најблиски умираат.

Моите мисли во овој момент се насочени кон населението во Турција и Сирија, кои се тешко погодени од земјотресот кој остави илјадници мртви и повредени. Со запрепастеност се молам за нив и ја изразувам мојата близина со тие народи, семејствата на жртвите и сите оние кои страдаат од оваа катастрофална несреќа.

Поттик за солидарност

Папата Фрањо им се заблагодари на сите кои се залагаат да му помогнат на населението во јужна Турција и североисточна Сирија, копајќи меѓу урнатините барајќи мажи, жени, деца. Сепак, напорите за помош се отежнати од последователните земјотреси, ниските температури, оштетените патишта и недостатокот на ефективен план за справување со такви кризи.

Ги охрабрувам сите да се солидаризираат со овие области, од кои некои веќе се измачени од долгата војна.

Доверба во Богородица

Овие зборови Светиот Отец ги упати посебно до населението на Алепо и другите сириски градови кои се плашат да се вратат во своите домови, кои и онака се делумно небезбедни поради војната. Папата на сé и сите ги довери под заштита на Пресвета Богородица.

Страдањето на Украина

Како и секоја среда на Генералната аудиенција, така и секоја недела во пладневното обраќање, од 24 февруари 2022 година до денес, папата Фрањо не пропушти да посвети мисли за нападната Украина, каде што се бележат нови напади во регионот Суми, во североисточниот дел на земјата, а се стравува од нова голема офанзива на истокот во наредните денови

Да не ги заборавиме страдањата на украинскиот народ, многу измачен на овој студ, без светлина, без греење и во војна.

Во мислите на Папата се и жртвите од пожарот во Чиле

На крајот, во поздравот до ходочасниците кои зборуваат шпански, Папата ги спомена жртвите и сите луѓе погодени од пожарите во Чиле, кои избувнаа во шумите на централните и јужните региони на таа земја, Нубл и Биобио, како и јужно во Аураканија. Пожарите досега предизвикаа најмалку 26 смртни случаи и речиси 1.200 ранети, а уништија повеќе од 1.500 куќи. (

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот