Бискупот Стојанов ја подели Светата Тајна Женидба на пет брачни парови
На 28 мај 2016 во парохиската црква Свето Благовештение во Штип монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и апостолски егзарх во Македонија ја предводеше Светата Литургија заедно со дон Давор Топиќ, декан и скопски катедрален парох и о. Тони Ангелов, парох во Штип.
Пред почетокот на Светата Литургија присутните ги поздрави домашниот парох о. Тони Ангелов, кој се заблагодари на Бога за оваа радост и ги повика присутните како и брачните парови да се молат на Господа Бога за благослов.
За време на Светата Литургија бискупот Стојанов на пет брачни парови од Штип им ја подели Светата Тајна Венчание. Во својата хомилија бискупот Стојанов подвлече дека „женидбата не е само онаа земската телесна љубов, туку во прв ред љубов на душата и срцето, која бара подготвеност на сите жртви во заедничкиот живот, носење на крстот сѐ до смртта. Вистинската брачна љубов содржи во себе дух на жртва и прегор во семејниот живот во кој покрај пријатните ќе има и горки мигови и искушенија“.
Бискупот Стојанов ги охрабри брачните парови да се молат на Господа Бога и да се надеваат на Него и на Неговата добрина и на тој начин брачниот живот да биде убав, среќен и полн со утеха во среќа и несреќа. Исто така бискупот Стојанов ги потсети брачните парови дека треба да ја чуваат својата христијанска вера и да живеат како вистински христијани и Божји деца. „Настојувајте храбро и постојано да ги издржите до крај сите тешкотии во брачниот живот во знакот на молитвата, љубовта и светата трпеливост“.
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк