Бискупот Стојанов го именува дон Јошт за парохиски викар во катедралната парохија во Скопје
Во недела 24 август 2014 година Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов на свечената Света Миса во скопската катедрала го именува дон Јошт Мезег за парохиски викар во катедралната парохија Пресвето Срце Исусово во Скопје.
По завршувањето на проповедта на бискупот, богословот Спасе Спасов го прочита Декретот на бискупот Стојанов, со кој дон Јошт Мезег е именуван за парохиски викар со сите солжности, кои произлегуваат од Законикот на Канонското право и договорот со парохот. Во Декретот исто така стои дека Неговата Еминенција надбискупот и митрополит од Сараево, кардинал Винко Пуљиќ ја искажува својата татковска љубов и грижа за потребите на Католичката Црква во Македонија, праќајки го дон Јошт, кој го прифати ова послание.
Дон Јошт Мезег е роден 31 јули 1987 година во Љубљана – Словенија, од родители Александар и Наталија, како второ дете од десетте во семејството Мезег. Доаѓа од парохијата Свети Никола од Долни Логатец. За свештеник е ракополжен на 29 јуни 2014 година во сараевската катедрала од страна на кардинал Винко Пуљиќ и инкардиниран како свештеник на сараевската надбискупија. Образованието воспитувањето и студиите ги заврши во мисионерската богословија Редемпторис Матер во Пула и Сараево.
д. Т.Д.