Мошти на света Фаустина Ковалска остануваат во трајна сопственост на Католичката црква во Охрид
На 30 јуни 2019 во Католичката црква „Свети Кирил и Методиј и свети Бенедикт“ во Охрид Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов свечено ги пречека моштите на света Фаустина Ковалска и во процесија ги внесе во црквата. На светата Литургија покрај верници од Охрид присуствуваа и верници од Полска.
Во својата проповед бискупот Стојанов ја истакна важноста за почитувањето на светците и за посебноста на света Фаустина Ковалска, како и за важноста на овој настан земајќи во предвид дека моштите остануваат трајно во црквата во Охрид.
Истиот ден, првопричесникот Тадеј Тантушев ја прими и Првата света причест.
Пред почетокот на светата Литургија бискупот со присутните измолија измолија литанијата до Божјето милосрдие.
По завршувањето на Литургија присутните верници имаа можност да се поклонат и да ги целиваат моштите на света Фаустина Ковалска. Свеченоста заврши со агапе, подготвено од страна на верниците.
Сестра Марија Фаустина била родена на 25 август 1905 година, трето од десетте деца на Маријана и Станислав Ковалски од селото Глоговиец, Полска. Годините од нејзиниот духовен живот биле полни со неверојатни благодати: откровенија, визии, скриени стигми, учествување на Божјата страст, дар на присутност на различни места во исто време, дар да чита во човечките души, дар на пророштвото и реткиот дар на свршувачка и мистичен брак. Во нејзиниот дневник, пишува за милостите кои ги добива од Бог, една од тие милости е и тоа кога Бог и допуштил да го види пеколот. Наречена е апостолка на Божјото милосрдие.
За блажена е прогласена во Рим на 18 април 1993 година, а за светица на 30 април 2000 година од папата Свети Иван Павле II кој, на овој настан, за прв пат одредил да се фиксира во црковниот календар Празникот на Божјото Милосрдие и да се слави секоја година во првата недела по Велигден.
Моштите на Света Фаустина се наоѓаат во светилиштето на Божјото Милосрдие во Краков но дел од нив се распространети низ целиот свет, а Охрид е еден од тие градови.
Ватикан њуз/к.мк
Прочитајте повеќе за света Фаустина Ковалска