Со свечена архиерејска Литургија во капелата „Свети Јосиф“ на Бит Пазар, верниците во Скопје го прославија празникот Раѓање на Пресвета Богородица. Светата Литургија ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, во сослужение со протојереј ставрофор отец Марјан Ристов, душогрижник. На богослужбата присуствуваа верници од главниот град, како и сестрите Евхаристинки.
Во својата проповед, епископот Стојанов го истакна значењето на празникот, потсетувајќи дека раѓањето на Богородица е знак на надеж и исполнување на Божјите ветувања. „Со нејзиното раѓање започнува нова ера во историјата на спасението, бидејќи преку неа светот го прими Спасителот, нагласи тој.
Посебно се осврна на улогата на мајката во семејството истакнувајќи дека мајките со својот пример се првите сведоци на верата и првите учителки на своите деца, рече епископот, охрабрувајќи ги семејствата да останат цврсти во верата. Тој исто така потсети дека семејството е „домашна црква“, место каде верата се пренесува од поколение на поколение и каде Божјата љубов се искусува.
к.мк