Апел на папата Фрањо до религиозните лидери за дијалог и соработка за мир
„Дојде моментот духовните водачи да соработуваат ефикасно за исцелување на раните, решавање на конфликтите и потрагата на мирот“. Ова е силниот повик на папата Фрањо упатен во неговата порака до 300 духовни водачи, претставници на најголемите религии во светот, собрани по иницијатива на заедницата „Сан Еџидио“ во Антверпен, Белгија, на ХХVІІІ меѓународна средба „Луѓе и религии“. Темата на овогодинешниот настан е „Мирот е иднината: религиите и културите во дијалог 100 години по Првата светска војна“. Оваа година средбата е обележана со сегашните крвави конфликти на Блискиот Исток, Источна Европа и Африка.
Во долгото писмо, упатено кон епископот на Антверпен, монсињор Јохан Јозеф Бони, Папата се обраќа кон духовните водачи, кои ги повикува да бидат „мажи и жени на мирот, способни да промовираат култура на среќавање и мир, кога другите можности се исцрпени или се нестабилни“.
„Мора да бидеме градители на мирот, а нашите заедници треба да бидат училишта на взаемна почит и дијалог со другите етнички и религиозни групи, места во кои се учи да се надминат тензиите, да се охрабруваат мирните односи меѓу народите и социјалните групи и да се гради подобра иднина за генерациите што доаѓаат“.
Пред религиозните лидери Папата ја изразува својата загриженост за моменталната глобална ситуација. „Ако размислиме за бројните конфликти и војни, објавени и необјавени, кои денес го измачуваат човечкото семејство и го рушат животот на најмладите и возрасните, а исто така и долгогодишните врски на соживот меѓу различните етнички и религиозни групи, принудувајќи семејства и цели заедници на бегство, е јасно дека заедно со сите мажи и жени со добра волја, не можеме да останеме пасивни пред толку многу страдање и непотребни катастрофи“. Војната, нагласува Папата, „ги вовлекува народите во една спирала на насилство, тешка за контролирање која уништува она што е изградено со генерации и го подготвува патот на неправдите и уште поголеми конфликти“.
Затоа, тврди Папата: „Во таа смисла, нашите различни религиозни традиции можат, во „духот на Асизи“, да дадат свој придонес за мирот. Војната никогаш не е неопходна ниту неизбежна. Секогаш може да се најде алтернатива која е патот на дијалогот, среќавањето и искрената потрага по вистината“.
РВ/В.Н.