На молитвата Ангел Господов, папата Лав XIV истакна дека вистинската љубов бара од нас да се одвоиме, да прифатиме загуба и да покажеме гостопримство кон оние што имаат потреба.
Папата Лав XIV во недела, 28 јуни 2026 година, ја предводеше пладневната маријанска молитва Ангел Господов со верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“.
Размислувајќи за евангелието на денот, Матеј 10,37-42, Папата се осврна на Исусовите барања за учеништво и на тоа што значи целосно да Му се предадеме во однос на љубов со Него.
Љубовта, рече тој, бара одрекување, загуба и гостопримство.
Папата потсети дека Исус го дава примерот на возрасно дете кое треба да ги остави своите родители за да Го следи Него.
Ова одвојување во нашите односи, истакна тој, значи дека полнотата на односите можеме да ја најдеме само преку љубовта што ни ја дарува Христос.
„Да го земеме за пример брачниот живот“, рече Папата. „Тој може да се живее во полнота само кога човек ќе го остави родителскиот дом за да се посвети на брачниот живот.“
Истовремено, родителите треба да ги воспитуваат своите деца така што ќе ги научат да стојат на свои нозе и да најдат исполнетост и среќа во животот.
Папата Лав потоа нагласи дека важен дел од љубовта е загубата, иако тоа е тешко да се разбере во свет што изгледа опседнат со поседување.
„Љубовта носи плод само во самодарувањето“, рече тој, „кога сме подготвени да изгубиме малку од себе за да направиме место за другиот, да изгубиме малку време за да сослушаме пријател и да изгубиме малку удобност за да споделиме тежок миг.“
Исус исто така вели дека треба да го изгубиме сопствениот живот за навистина да го најдеме. Тоа ни овозможува да се отвориме за радоста на љубовта.
Христијаните, рече Папата, се повикани да го прифатат крстот и да се принесат себеси како што направи Исус, за да примат живот во изобилство.
„Ако живееме според логиката на самодарувањето“, рече тој, „и ние ќе бидеме способни да раѓаме нов живот во нашите односи.“
Потоа папата Лав XIV се осврна на дарот на гостопримството, истакнувајќи дека тоа е суштинско за изразување на љубовта.
„Љубовта се изразува преку конкретни избори и дела, преку посветеност составена од мали секојдневни гестови, како што е да му се понуди чаша вода на оној што е жеден“, рече тој.
Како што Исус ги испрати Своите ученици да проповедаат без резерви и сигурност, така и ние треба да научиме да прифаќаме гостопримство и да го даруваме на другите.
„Кога ги примаме оние што доаѓаат во Исусово име, Го примаме Него и небесниот Отец што Го испрати“, заклучи Папата. „Навистина, љубовта кон Господ секогаш вклучува прифаќање на нашите браќа и сестри.“
Ватикан њуз/к.мк

