Евангелието на денешната Литургија зборува за вестите кои го наведуваат Исус да објасни дека неволјите и несреќите не треба да му се припишуваат на Бога; на ист начин – објасни Папата во своето пладневно обраќање во недела 20 март 2022 година – страшните настани од овие недели не се казна од Семоќниот. Гревот е тој што предизвикува смрт; нашата себичност ги уништува односите; нашите погрешни и насилни одлуки поттикнуваат зло. Вистинското решение е преобраќање, отворање за логиката на Евангелието
Додека трагичните вести ги пратат овие денови, а ние се чувствуваме немоќни пред злото, папата Фрањо дава одговори на голем број прашања кои спонтано се појавуваат: Дали е ова можеби Божја казна? Дали тој испраќа војна или пандемија за да не казни за нашите гревови? Зошто Господ не интервенира?
Злото не доаѓа од Бога
Мора да бидеме внимателни – предупреди Папата. Кога сме обземени од злото, може да ја изгубиме бистрината и за да најдеме едноставен одговор на она што не можеме да го објасниме, на крајот го обвинуваме Бога, припишувајќи ги на него нашите неприлики и несреќи во светот. Многупати од таму потекнува грдата и лоша навика за богохулење – додаде Папата. Меѓутоа, Тој секогаш нè остава слободни, никогаш не интервенира со наметнување, туку се нудејќи; никогаш не употребува насилство и уште повеќе, страда за нас и со нас! Злото никогаш не може да доаѓа од Бога, бидејќи не постапува со нас според нашите гревови, туку според неговото милосрдие.
Но, наместо да го обвинуваме Бога, вели Исус, треба да погледнеме во својата внатрешност; гревот е тој што поттикнува смрт; нашата себичност ги уништува односите, нашите погрешни и насилни одлуки поттикнуваат зло. Затоа Господ го нуди вистинското решение, преобраќање. Ако не се преобратите – вели – сите ќе пропаднете на сличен начин. Тоа е итен повик, особено во овој период од постот. Да го прифатиме со отворени срца. Да се одвратиме од злото, да се одречеме од гревот што нè заведува, да се отвориме за евангелската логика; зашто, таму каде што владее љубовта и братството, злото повеќе нема моќ! – истакна Папата.
Бог е трпелив со нас
Преобраќањето е, значи, пат по кој човекот мора да оди во однос на гревот. Но, папата Фрањо вели дека Бог ја знае и човечката слабост. Затоа што Исус знае дека не е лесно човек да се преобрати и сака да ни помогне во тоа. Тој знае дека многупати паѓаме во исти грешки и исти гревови; дека се обесхрабруваме и може да ни изгледа дека нашата посветеност на доброто е залудна во свет во кој како да владее злото, нè охрабрува со параболата во која се зборува за Божјото трпение со нас – објасни Папата. Станува збор за парабола за смоквата која не дава плод, но која не треба да се исече туку да ѝ се даде повеќе време, уште една можност. Со задоволство мислам, додаде Светиот Отец, дека за Бог би било убаво името „Бог на повторна можност“; тој секогаш ни дава втора шанса, секогаш. Такво е неговото милосрдие.
Тоа е она што Господ го прави со нас; не нѐ одвојува од својата љубов, не се обесхрабрува, не се изморува нежно да ни ја враќа довербата. (…) Бог верува во нас! Тој ни верува и трпеливо нѐ следи. Тој не се обесхрабрува,, туку секогаш се надева на нас. Бог е Отецот и те гледа како татко; како најдобар татко, не гледајќи ги резултатите што сè уште не сте ги постигнале, туку плодовите што сè уште ќе можете да ги носите; не ги зема предвид вашите недостатоци, туку ги поттикнува вашите способности; не се задржува на вашето минато, туку самоуверено инвестира во вашата иднина – рече Папата.
Обраќањето го заврши повторувајќи дека Бог ни е близок, со својата милост и нежност, бидејќи неговиот стил е близина, и ги поттикна верниците да се молат на Дева Марија да ни даде надеж и храброст и да разгори во нас желба за преобраќање.
Ватикан њуз/к.мк