Ангел Господов: Исус бара талантите да ги користиме за доброто на другите

Исус не бара да ја чуваме Неговата милост „во сеф“, под клуч, туку сака да ја користиме за доброто на другите – рече папата Фрањо на 16 ноември пред молитвата Ангел Господов. Денешното Евангелие за талантите – потсети Папата – зборува за слугите на кои госодарот им довери таланти; пари со голема вредност. На првиот му довери пет, на вториот два, а на третиот еден. Додека господарот е отсутен, слугите треба да ги умножат талантите – што првите двајца тоа и го прават. Но, третиот бидејќи се исплашил дека сè ќе изгуби, го закопал својот талант и на господарот му го врати само она што му го дал; заради што е укорен и казнет.

Господарот е Исус, слугите сме ние, а талантите – наследството кое Господ ни го доверува: Неговото Слово, Евхаристијата, верата во Отецот небесен, во Неговото простување, објасни Светиот Отец. Дупката која ја ископа слугата „лукав и мрзлив“ означува страв од ризикот кој ја спречува креативноста и плодноста во љубовта, а Исус не бара да ја чуваме Неговата милост во сеф, туку да ја користиме за доброто на другите. Како да ни вели: Еве ти го Моето милосрдие, Мојата нежност, Моето простување: земи ги и користи ги изобилно.“ А ние што правиме со нив? Кого сме го „заразиле“ со нашата вера? Колку луѓе сме охрабриле со нашата надеж? Колку љубов сме споделиле со нашите ближни? – праша Папата.

Било кое опкружување може да стане место за умножување на талантите – истакна понатаму Папата. Нема ситуација или место која го исклучува христијанското присуство и сведоштво. Параболата за талантите нè учи да не ја сокриваме нашата вера и припадноста на Христос: да не го закопуваме Евангелскиот збор, туку да биде како сила која создава криза, прочистува и обновува. Исто е и со простувањето кое Господ ни го дава во светата Тајна Помирување: да не го држиме затворено во самите себе, туку да му дозволиме да ја покаже својата сила, да ги сруши ѕидовите кои ги подигнал нашиот егоизам, кој го овозможува првиот чекор при затворените односи; повторно да се започне дијалог таму каде што нема комуникација.

Светиот Отец на сите им препорача да го земат денешниот дел од Евангелието и дома да го прочитат и да размислат за него: како јас го користам сето она што Бог ми го дал, што правам за да растат другите? Или само ги чувам во сеф? Папата понатаму рече дека Господ не дава на сите исто и на ист начин, туку лично нè познава и ни го доверува она што е правилно за нас, но на сите нас ни ја дава својата огромна доверба. Да не го разочараме! – поттикна. На довербата да одговориме со доверба. Во тој поглед најдобар пример ни е Блажена Дева Марија.

После молитвата Ангел Господов, Папата истакна дека овие денови во Рим и во бројни други европски градови има – големи тензии – помеѓу граѓаните и емигрантите. Ги повика сите на дијалог и на мирно решавање на тензиите со средба и разговор. Важно е да не се падне во искушението на конфликтот, туку да се осуди секое насилство и да се разговара, да се слуша, заедно да се планира и така да се надминат предрасудите и да се изгради сигурен, мирен и сеопфатен соживот.

Папата исто така потсети на денешното обележување на Светскиот ден на жртвите од сообраќајните несреќи. На крајот ги поздрави собраните верници, ги потсети да го прочитат денешниот дел од Евангелието и да молат над него и сите го отпуши на својот вообичаен начин.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот