Задача на Црквата е да го одржи гледиштето на својот Основач

Денес постојат многу предизвици за верата, а некои католички насоки се движат кон либералниот протестантизам, предупреди кардиналот Герхард Лудвиг Милер, префект на Конгрегацијата за науката на верата, говорејќи на пленарното заседание на Чилеанската епископска конференција.

„Задача на Црквата“, истакна кардиналот, не е одржување на мислењето на своите членови. Задача на Црквата е да се одразува гледиштето на својата глава и својот основач, Исус Христос. Причина за некои од главните предизвици со кои се соочуваме е незнаењето и поради тоа треба посветено да работиме на полето на евангелизацијата и мисијата“, забележи кардиналот Милер.

Други опасности, пак, доаѓаат од „пасторалните и теолошките озрачја во кои се провлекуваат грешки и искривувања, кои ние како пастири треба да ги откриеме, лечиме и исправиме. Тоа е тешко озрачје“, истакна кардиналот, „но таквото озрачје е секогаш присутно во нашето пастирско залагање за Божјиот народ“.

„Епископската конференција не постои за да го замени епископот, туку да му помогне“, потсетува кардиналот Милер и предупреди на преовладувачкиот етички релативизам. „Очигледно е дека во некои опкружувања денес во поучувањето на верата се воведени елементи кои се слични со либералниот протестантизам. Тоа е посебно видливо во европските земји“.

„Погрешното сфаќање на теолошката природа на епископската конференција“, објасни префектот „носи непосредна опасност за прифаќање на организацискиот стил на реформираните заедници. Дури и да не се работи само по себе, за теолошки пристап, тоа се пренесува во постоењето на еден униформиран пасторален стил кој личи на национална црква, така што епископските пасторални програми би требало да се прилагодат на програмите на епископската конференција“, истакна кардиналот.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот