Во говорот пред молитвата Ангел Господов на 14 февруари 2021 година, папата Фрањо зборуваше за евангелскиот дел, кој зборува за средбата на Исус и лепрозниот. Настанот го открива лицето на Бог кој има сочувство за нашите рани, кои ги допира за да нè лекува. Мислата на Папата беше насочена кон оние кои денес страдаат од предрасуди и исклучување. Светиот Отец нè охрабри да не ја криеме болката и да ја споделуваме со другите. Говорот на Папата го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри! Добар ден!
Прекрасен е плоштадот е кога е сончево! Многу е убав!
Во денешното евангелие (сп. Марко 1,40-45) ни е претставена средбата на Исус со човек болен од лепра. Лепрозните ги сметале за нечисти и според прописите на Законот, требало да живеат надвор од населено место. Биле исклучени од какви било човечки, социјални и религиозни односи: на пример, не им било дозволено да влегуваат во синагогата, не им било дозволено да влегуваат во храмот, па дури и да вршат некаква побожност. Исус, сепак, му дозволува на овој човек да му пријде, трогнат е од него, дури ја пружа раката и го допира. Во тоа време такво нешто било незамисливо.
Тој така ја остварува Радосната вест, која ја навестува: Бог стана близок со нашите животи, има сочувство за ранетото човештво и доаѓа да ги отстрани сите пречки што нѐ спречуваат да живееме во заедништво со него, со другите и со нас самите. Стана близок … Блискост. Запомнете го тој збор добро, блискост. Сочувство: Евангелието вели дека Исус се смилувал, гледајќи го лепрозниот, се смилува. И нежност. Три зборови кои го означуваат Божјиот стил: блискост, сочувство, нежност. Во овој настан можеме да забележиме два „престапи“ кои се сретнуваат: престапот на лепрозниот кој му се приближува на Исус – а тоа во никој случај не смеел да го направи – и Исус кој, носен од сочувство, нежно го допрел за да го излекува – а не смеел да направи така. Двајцата го кршат законот. Ова се два престапа.
Првиот престап е оној на лепрозниот: и покрај прописите на Законот, тој излегува од изолација и доаѓа кај Исус. Неговата болест се сметала за Божја казна, но кај Исус може да го види поинакво лицето Божјо: не Бог кој казнува, туку Отец кој сочувствува и сака, кој нè ослободува од гревот и кој никогаш не нè исклучува од своето милосрдие. Така, овој човек може да излезе од изолација, бидејќи во Исус го наоѓа Бог со кого ќе може да ја сподели својата болка. Однесувањето на Исус го привлекува, го тера да излезе од себе и да му ја довери својата болна приказна.
Дозволете ми тука да кажам една мисла за многу добри свештеници исповедници кои имаат таков став: да привлечат луѓе, има многу такви, кои се чувствуваат безначајни, се чувствуваат паднати поради своите гревови… Но, со нежност, со сочувство… Нашите добри исповедници кои не маваат со камшик во нивната рака, туку само прифаќаат, слушаат и говорат дека Бог е добар и дека Бог секогаш простува, дека Бог не се изморува да простува. Ве замолувам сите денес да им аплаудирате на плоштадот на овие милостиви исповедници, сите. [аплауз]
Вториот престап е оној кој го прави Исус: иако Законот забранувал допирање со лепрозни лица, Тој се смилувал, ја пружил раката и го допрел за да го излекува. Некој ќе рече: направил престап, го направил она што е забрането со закон, згрешил против законот. Точно, го прекршил законот. Не останува на своите зборови, туку го допира. Да се допира со љубов значи да се воспостави врска, да се влезе во заедништво, вклучувањњ во животот на другиот сѐ дотаму што со него ќе ги дели дури и раните.
Со овој гест, Исус покажува дека Бог не е рамнодушен, не држи „сигурна дистанца“, згора на тоа, приоѓа со сочувство и го допира нашиот живот за да го оздрави со нежност. Тоа е Божјиот стил: блискост, сочувство и нежност. Божји престап; тоа е голем престап во таа смисла.
Браќа и сестри и денес многу наши браќа страдаат од оваа болест, Хансенова болест или од други болести или страдаат од состојби со кои, за жал, се поврзани со некои социјални предрасуди. „Тој е грешник! Сетете на она (сп. Лука 7,36-50) кога жената влегува на гозбата и го истури алабастрениот сад со миро врз нозете на Исус. Други рекоа: „Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, што се допира до Него, оти таа е грешница.” Потсмев, напротив Исус ја прима и уште ѝ благодари: „Ти се простуваат гревовите“. Тоа е Исусовата нежност. Социјалната предрасуда ги гони луѓето со зборовите: „Тој е нечист, тој е грешник, тој е измамник, тој е …“ Да, понекогаш тоа е точно, но не смееме да негуваме предрасуди. На секој од нас може да му се случи да доживее рани, неуспеси, болка, себичност што нè затвора пред Бога и другите, затоа што гревот нè затвора во себе, од срам, од понижување, но Бог сака да ни ги отвори срцата. Со оглед на сето ова, Исус ни навестува дека Бог не е некоја идеја или апстрактно учење, туку оној кој се „заразил“ со нашето рането човештво и кој не се плаши да дојде во контакт со нашите рани. „Но, оче, па што зборувате!? Бог да се зарази!“ Јас не го велам тоа, тоа го вели свети Павле: тој се направи за нас грев (сп. 2 Кор 5:21). Оној што не е грешник, кој не може да греши, се направи грев. Гледај како Бог се зарази за да ни се приближи, да ни покаже сочувство и да ни ја приближи неговата нежност. Близина, сочувство и нежност.
Како би ги почитуваме правилата за добар глас и општествените обичаи, ние честопати ја потиснуваме болката или ставаме маски зад кои ја криеме. Заробени од сопствените егоизми или внатрешните закони на нашите сопствени стравови, многу не се интересираме за туѓите страдања. Напротив, да молиме од Господ милост за да можеме во животот да ги направиме овие два „престапи“ од денешното Евангелие. Оној престап кој го направи лепрозниот, за да имаме храброст да излеземе од сопствената изолација и наместо да се предадеме на самосожалување или да плачеме за сопствените неуспеси, да нижиме жалопојки, да појдеме кај Исус какви што сме: Господи, јас сум таков!” Ќе ја почувствуваме онаа прегратка, онаа толку убава Исусова прегратка. А потоа и оној Исусов престап: Љубов која ги надминува рамките на општо важечките правила кои важат за сите и на кои сите се придржуваат, Љубов која помага да се надминат предрасудите и стравот дека се „мешаме“ во животот на другиот. Да научиме да бидеме „престапници“ како нив двајцата: како лепрозниот и како Исус.
Богородица нека не придружува на ова патување, на која сега ќе се обратиме преку молитвата Ангел Господов.
Ватикан њуз/к.мк