Ватиканската фондација „Јозеф Рацингер – Бенедикт XVI“ му ја додели наградата „Рацингер“ за 2026 година на американскиот теолог Џон Ц. Кавадини, признавајќи ги неговите научни заслуги во областа на патристиката, особено во проучувањето на свети Августин. Папата Лав XIV лично ќе му ја врачи наградата на 19 декември во Ватикан.
Овогодинешната награда „Рацингер“ му се доделува на Џон Ц. Кавадини, професор по теологија на Универзитетот Нотр Дам во Индијана, САД, познат по своите истражувања во областа на патристиката, особено по проучувањето на свети Августин.
Добитникот на наградата за 2026 година беше избран од Научниот комитет на Ватиканската фондација „Јозеф Рацингер – Бенедикт XVI“, а изборот беше одобрен од папата Лав XIV, кој лично ќе му ја врачи наградата на 19 декември во Апостолската палата.
„Се обидував својот повик како теолог да го живеам според примерот на Ориген од Александрија, теолог од III век, кој постојано ја изразувал својата желба да биде vir ecclesiasticus, човек на Црквата“, рече професорот Кавадини по објавувањето на веста.
„На Универзитетот Нотр Дам можев да го живеам својот повик како човек на Црквата, а истовремено и како човек на академскиот свет. Особено сум благодарен за оваа награда затоа што ги признава двата аспекта на мојот повик како теолог“, додаде тој.
Од патристиката до современата теологија
Научните интереси на професорот Кавадини не се ограничуваат само на раното христијанство, туку ја опфаќаат и современата теологија.
Отец Роберто Реголи, претседател на Фондацијата „Јозеф Рацингер – Бенедикт XVI“, ја нагласи двојната, академска и пастирска посветеност на американскиот теолог.
„Американскиот професор е пред сè експерт за црковните отци, особено за свети Августин, но исто така ја проучувал и современата теологија. Пишувал опширно за Бенедикт XVI и за теологијата на папата Фрањо. Тој е научник кој ја проучувал теологијата на Црквата од антиката до XXI век“, рече отец Реголи.
Кавадини го раководел и Институтот „Мекграт“ за црковен живот при Универзитетот Нотр Дам и бил активно вклучен во промовирањето на теолошкиот живот и верата во Соединетите Американски Држави и во други земји.
„Тој е човек посветен и интелектуално и пасторално“, истакна претседателот на Фондацијата.
Кавадини е 32. научник што ја добива наградата „Рацингер“, која се доделува од 2011 година како признание за исклучителни академски заслуги во областите на догматската и фундаменталната теологија, Светото Писмо, патрологијата, филозофијата, правото и социологијата, како и за придонеси во уметноста, музиката, архитектурата и скулптурата.
Три конференции за Јозеф Рацингер во САД и Африка
Во 2027 година се одбележуваат сто години од раѓањето на Јозеф Рацингер, роден во Марктл, Германија, на 16 април 1927 година.
Во подготовка за стогодишнината, Фондацијата организира повеќе меѓународни иницијативи, меѓу кои и три конференции во ноември 2026 година.
Првиот меѓународен симпозиум ќе се одржи од 2 до 4 ноември на Универзитетот „Света Марија“ во Минесота, САД, под наслов „Убавината ќе нè спаси: Чудење и надеж во делата на Јозеф Рацингер – Бенедикт XVI“.
„Оваа конференција повторно се навраќа на една мисла на Бенедикт XVI која со текот на годините се покажа како особено важна: опасноста од јазот меѓу техничките способности и моралната енергија“, објасни професорот Пјерлука Ацаро, извршен секретар на Фондацијата.
Според него, бројни американски универзитети и научници се свесни за ова несовпаѓање и сметаат дека е потребно повторно да се разгледаат клучните согледувања на Бенедикт XVI за природата и мисијата на универзитетот.
„Тоа значи да се надмине поделбата на знаењето и повторно да се обединат професорите и студентите во заедничката потрага по вистината, како еден тим, како екипаж на ист брод, за тој да не го изгуби својот курс“, рече Ацаро.
Втората конференција, закажана од 4 до 6 ноември 2026 година, ќе биде организирана од Епархијата Винона-Рочестер во Минесота, во соработка со издавачката групација „Word on Fire“, и ќе биде посветена на темата „Јозеф Рацингер и неговите извори“.
Третиот симпозиум ќе се одржи од 18 до 21 ноември 2026 година во Најроби, Кенија. Настанот ќе го организираат Универзитетот Тангаза и Универзитетот „Света Марија“ во Минесота, под наслов „Соѕвездија на надежта: Африка и обновата на Црквата во визијата на Бенедикт XVI“.
„Папата Рацингер беше убеден дека Африка, и покрај сите свои проблеми и тешкотии, поседува резерва на морална енергија и претставува модел на Црквата што може да придонесе за нов процут на Црквата и општеството на Западот. И ние длабоко веруваме во оваа визија“, рече професорот Ацаро.
Конференции, концерти и света Литургија за стогодишнината
Во 2027 година во Рим ќе се одржи и голема меѓународна конференција по повод стогодишнината од раѓањето на Јозеф Рацингер.
Во организацијата ќе бидат вклучени Папскиот Грегоријански универзитет, Папскиот универзитет „Свети Тома Аквински“, познат како Ангеликум, Универзитетот ЛУМСА и Католичкиот универзитет.
Фондацијата планира да ги истакне и интересите на Бенедикт XVI што се протегаат надвор од теологијата, особено неговата љубов кон музиката.
„Следната година ќе биде година на големи концерти, но и на значајни литургиски прослави“, најави Ацаро.
На 16 април 2027 година, точно на стогодишнината од раѓањето на Бенедикт XVI, во базиликата „Свети Петар“ ќе биде отслужена свечена света Литургија.
Ваатикан њуз/к.мк

