Папата Лав ја охрабри Црквата во Перу да продолжи да го шири Евангелието

Папата Лав ја охрабри Црквата во Перу да продолжи да го шири Евангелието

Во своето обраќање до епископите, свештениците, богопосветените мажи и жени, семинаристите, синодалните тимови и пасторалните совети во Лима, папата Лав XIV ја истакна важноста на верата во Исус Христос, помирувањето, градењето на мирот и заедништвото, како и мисионерското послание на Црквата.

Папата Лав XIV во четвртокот, 12 ноември 2026 година, ја предводеше предпладневната молитва од Часословот со перуанските епископи, свештеници, богопосветени мажи и жени, семинаристи, синодални тимови и членови на пасторалните совети во катедралната базилика „Свети Иван Апостол и Евангелист“ во Лима.

На својата прва јавна литургиска прослава во последната етапа од апостолското патување во Латинска Америка, папата Лав потсети на своите први години како мисионер во Перу, каде што бил испратен „да го промовира мирот преку правдата, со посебна грижа за најслабите“.

„Денес се враќам за да ве охрабрам да продолжите со делото на ширење на Евангелието, внимателни кон животот и потребите на луѓето“, рече Папата.

Негување на верата и помирувањето

Поаѓајќи од краткото читање од Првото послание на Свети Иван, папата Лав се осврна на неколку ставови кои се важни за животот на Црквата и за „градењето цивилизација на љубовта, вистински втемелена врз општото добро“.

Првиот е верата во Исус Христос, Кого Папата го посочи како „единствениот темел врз кој треба да го градиме нашиот храм од живи камења“.

Потоа зборуваше за потребата од помирување.

Перу, рече Папата, има потреба од Црква која сее љубов, гради мостови таму каде што другите подигнуваат ѕидови, знае да слуша, да лекува и да простува. Истовремено, таа треба да биде подготвена да ги признае сопствените неверности и понизно да побара прошка, преземајќи одговорност за раните што ги предизвикала во самата заедница и околу неа.

Црквата, продолжи Папата, треба да остане прилепена до Крстот и со љубов и храброст да се соочува со конфликтите, уверена дека во Христос секогаш е можно повторно да се започне и да се пронајде единството.

Градење мир и заедништво

Таквиот пат, истакна папата Лав, ѝ овозможува на Црквата да биде вистински миротворец во светот кој има голема потреба од „невооружен и разоружувачки мир“.

„Ако сакаме да го шириме мирот, најнапред мораме да го чуваме и негуваме пред Бога, во самите себе и меѓу оние што ни се блиски“, рече тој, додавајќи дека потоа мирот треба да се пренесува во заедниците и во различните области од општествениот и политичкиот живот.

На тој начин христијаните можат да станат вистински градители на заедништвото што Црквата е повикана да го воплоти.

Папата нагласи дека заедништвото не значи целосна еднообразност, ниту пак секогаш подразбира непосредна согласност. Тоа е простор во кој различните гласови, со помош на Светиот Дух и под водство на пастирите, учат да се соединат без да ја изгубат својата посебност и така создаваат хармонија.

За тоа е потребна подготвеност отворено да го слушаме и она што не се совпаѓа со нашето сопствено гледиште, да ја прифатиме болката на другиот без осудување и да дозволиме неговата животна приказна да нè допре.

Само така, рече Папата, во црковните заедници може да расте вистинската соодговорност, преку која секој станува сведок на Радосната вест.

Мисионерската природа на Црквата

На крајот папата Лав се осврна на мисијата, која е составен дел од самата природа на Црквата.

„Црквата по својата природа е мисионерска“, потсети Папата, нагласувајќи дека таа е повикана да ја навестува Божјата љубов што ја примила и во која верува.

Тој ги повика сите присутни да го одржуваат жив пламенот на таа љубов и веродостојно и радосно да сведочат, секој според сопствениот повик.

Епископите ги повика како пастири да го препознаваат Божјиот глас во животот на довереното стадо, особено слушајќи ги свештениците и останувајќи блиску до нив. Свештениците ги охрабри да негуваат длабока љубов кон Христос, верност и послушност кон Црквата и близина со браќата и сестрите што им се доверени.

Богопосветените мажи и жени ги повика секојдневно да го обновуваат своето „да“ преку вистински евангелски живот, а семинаристите да ја чуваат убавината и свежината на својот повик, живиот однос со Исус и грижата за внатрешниот живот.

На членовите на пасторалните совети и синодалните тимови Папата им порача да продолжат со започнатата работа.

„На Црквата ѝ требате вие, вашиот придонес и вашата вера“, рече тој.

„Драги браќа и сестри, да се соединиме денес и секогаш во големата симфонија на заедништвото чиј диригент е Христос“, рече папата Лав на крајот.

„Да пееме за љубовта на Отецот додека заедно чекориме напред, со соединети срца, отворени за благодатта и верни на заповедта што ја примивме, да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме едни со други.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот