Аман: Католиците и православните се обединети во мачеништвото
Православните и католиците изразија „длабока загриженост и солидарност“ поради тековните судски процеси против христијани и другите религиозни традиции на Блискиот Исток,и ја повикуваат меѓународната заедница да ги заштити и да обезбеди „трајно и витално присуство на христијанството“ во овој регион. Ова стои во заотвршн документ на 13. пленарно собрание на мешовитата меѓународна комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката црква и Православните цркви, што се одржа од 15 – 23 септември во јорданската престолнина Аман.
Собранието беше посветено на прогонуваните христијани на Блискиот Исток и на нацртот за „Синодалноста и приматот“, подготвен од Координативниот комитет на Комисијата во 2011 во Рим и во 2012 во Париз. Работата на Комисијата помина во пријателски дух и добронамерна соработка, под мешаното претседателство на кардиналот Курт Кох, претседател на Папскиот Совет за промовирање единство на христијаните и Пергамскиот митрополит Иван, заедно со двајцата секретари митролопитот Генадиос од Вселенската патријаршија и монсињор Андреја Палмиери од Папскиот Совет за промовирање единство на христијаните.
Поради многу прашања поттикнати во текстот на документот, Комисијата одлучи да изработи нов текст кој ќе биде детално разгледан на следниот состанок на Координативниот комитет, во подготовка за следното пленарно заседание.
Членовите на Комисијата го обновија апелот за ослободување на православните архиереи, митрополитот Павле Јазиги и Сиро-јакобитскиот митрополит Иван Ибрахим, киднапирани на 22 април минатата година за време на хуманитарна мисија во Кафр-Даел, во реонот на турско-сириската граница, како и за сите други киднапирани свештеници и духовни лица. Православните и католиците заедно упатија молитва кон Бога „за да го скрати овој тежок период и донесе мир, правда и помирување во целиот регион“. За да ја изразат својата солидарност кон страдалниците христијани во регионот, на 20 септември копретседателите, заедно со членовите на Комисијата, го посетија бегалскиот центар во Аман, за да се запознаат со потребите на бегалците.
Исто на 20 септември, католичките претставници служеа литургија во црквата „Назаретска Дева Марија“ во Аман, а во проповедта кардиналот Кох изјави дека „христијаните веќе се обединети на еден поинаков начин и тоа преку мачеништвото на нашите браќа и сестри од различните Цркви и црковни заедници“. На 22 септември јорданскиот принц Гази им го пренесе на членовите на Комисијата личниот поздрав на кралот Абдула ал -Хусеин, во која се изразува неговата лична заинтересираност за развојот на православно-католичкиот дијалог, истакнувајќи дека „духовниот, интелектуалниот или теолошкиот дијалог не можат да бидат прекинати од никаква криза“.
РВ/В.Н.