Фатима и пораките од неа се најпророчките укажувања во модерната доба

„Фатима со своите пораки несомнено е најпророчкото укажување во модерното време, а фатимските видувања иако го откриваат пеколот кој постои на земјата истовремено донесуваат утешна порака за нашата небесна татковина“, изјави кардинал Анџело Амато во својот говор на отворањето на научниот собир на тема „Фатимската порака помеѓу харизма и пророштво.“

Префектот на Конгрегацијата за кауза на светци во своето излагање се присети на привилегијата која ја имал за време на вршењето на службата секретар на Конгрегацијата за наука на верата. Имено, тогаш во рацете ги држел оригиналните ракописи од  фатимските тајни.

„Медитирав над нив долго време, бидејќи во светлината на верата и надежта зборуваа за тажните настани од минатиот век. Да се сетиме како за минатиот век се зборуваше дека ќе биде време на разум и братство меѓу народите, а всушност беше трагичен период за христијанството, прогонувано и отфрлувано во многу делови во светот“, рече кардинал Амато и спомна неколку од ужасите кои му се случија на човештвото: две светски војни, ерменскиот геноцид, репресијата во Мексико, прогонството во Шпанија, нацистичките злосторства, комунистичкото истребување и исламистичките прогони.

„Милиони луѓе се жртви на злите идеологии кои создале и понатаму создаваат конфликти, омраза и поделби“, рече кардиналот Амато и додаде дека „пораката од Фатима визионерски зборува за овие драми и конкретни историски настани“, преку кои ѓаволот се спротивставува на Божјата добродушност и „како што некогаш го искушувал Исус така и денес ја искушува Неговата Црква, вметнувајќи во срцата на луѓето чувства на непријателства и смрт.“

Во својот говор кардиналот ги отфрли шпекулациите за постоењето на т.н. четврта фатимска тајна за која во списанието „Фатимски крстоносци“ (The Fatima crusader) пишуваше неодамна починатиот канадски свештеник Николас Грунер.

„Нема четврта тајна и нема никакви други скриени тајни“, изјави кардинал Анџело Амато.

Во обраќањето на учесниците на собирот одржан во Папскиот универзитет Антонианум во Рим, префектот на Конгрегацијата за прогласување за светци се осврна и на содржината на фатимските пораки.

„Тајната има три дела… Првите два дела ги напишала сестра Луција во 1941 година. Тие делови се објавени и се познати на сите. Тие содржат видување на пеколот опишано како големо подземно огнено море во кое се безбројните демони и душите кои воздивнуват и плачат од болки и очај, а кое што влева зачуденост и треперење од страв. Видувањето го придржуваат зборовите на Пресвета Богородица која за да ги спаси душите на грешниците повикува на вопоставување на побожноста на нејзиното Безгрешно Срце“, потсети кардиналот и додаде дека во нив се спомнува Втората светска војна и повикот за посветување на Русија: „Ако ги прифати моите барања“ – вели Блажената Девица – „Русија ќе се обрати и ќе биде мир. Ако не, ќе ги рашири своите заблуди по целиот свет и ќе предизвика војни и прогони на Црквата. Добрите ќе бидат мачени, Светиот Отец многу ќе трпи, многу народи ќе бидат уништени. На крајот, моето Безгрешно Срце ќе се прослави.“

Кардиналот потоа го објасни и патот на третата за јавноста најинтересната фатимска тајна.

„Третиот дел од фатимските тајни е напишан на 3 јануари 1944 година, според одлуката на епископот Леири и Пресвета Богородица не е познат во јавноста… Според одлуката на сестра Луција порака за да се разбере подобро би можела да биде отворена по 1960 година… Папата Павле VI ја прочитај нејзината содржина и одлучил да ја сочува во тајност испраќајќи ја во архивата на Конгрегацијата за наука на верата. Папата Иван Павле II по атентатот на 13 мај 1981 ја побарал и го прочитал третиот дел од тајната. Тоа било пресвртна точка во понтификатот на полскиот папа… Набрзо после тоа папата Иван Павле II одлучил да го посвети светот на Безгрешното Срце Мариино“, рече кардинал Амато.

Последниот третиот дел од фатимската тајна за јавноста станува познат во јуни 2000 година, а толкувањето на неговата содржина е доверено на Конгрегацијата за наука на верата со која во тоа време претседавал кардинал Јозеф Рацингер. Во неа сестра Луција меѓу останатото пишува за „човекот во бело“ кој погоден паѓа на земјата.

„Од левата страна малку над Богородица видовме ангел со огнен меч во левата рака од кој избиваше пламени јазици и изгледаше дека ќе го запалат светот. Меѓутоа, огнот го гаснеше сјајот кој како штит го насочуваше нашата Богородица со својата десна рака во правец на ангелот. Ангелот покажувајќи со десната рака на земјата со силен глас извикуваше: Покора, покора, покора! Во бескрајна светлина Божја видовме во огледало епископ облечен во бело. Ни изгледаше како тој да е Светиот Отец… Пред доаѓањето на врвот на стрмната планина, Светиот Отец поминуваше низ полуразрушен град, скршен од болка и молејќи за спас на душите на безбројните покојни кој ги сретнал на патот. Кога на врвот на планината клекна пред големиот крст го убија група војници погодувајќи го со огнено оружје и стрели. На истиот начин стрдале и епископи, свештеници, жени и мажи од разни класи и сталежи. Под крстот останале два ангела кои ја собирале крвта на мачениците во кристални садови и со неа ги переле душите кои се приближавале кон Бог.“

Читајќи го горенаведениот текст на пораките, кардинал Амато потсети на коментарот на кардинал Рацингер кој во фатимските пораки гледа помош во „разбирањето на знаците на времето и исправен вернички одговор на нив.“ За клучни зборови вели кардинал Амато, Рацингер го сметал повикот „Покора, покора, покора!“

„Во ангелот со мечот е прикажана заканата на пресудата на светот кој би можел да исчезне во огненото море подготвено од страна на човекот и неговите смртоносни изуми… Втората слика, спротивно од првата покажува дека силата која се спротивставува на уништувањето е светлината на Мајка Божја. Станува збор за слободен избор помеѓу доброто и злото. Иднината не е непроменлива, а сликата која децата ја виделе не е филм од иднината која не може да се промени“, стои во толкувањето на кардинал Рацингер кое го прочита и кардинал Амато.

„Главната смисла на видувањата е да се издигле силата на доброто за да се спротивстави на силите на злото“ објасни кардиналот.

Зборувајќи пак за видувањето на „епископот во бело“ кој погоден паѓа, кардинал Амато рече дека тогашниот префект на Конгрегацијата за наука за верата ова видување го поврзува со атентатот на папата Иван Павле II од 1981 година и додаде:

„Мајчинската рака која го свртела истрелот за да не го убие Папата покажува дека не постои непроменлива судбина и дека силата на молитвата и верата може да влијае на историјата: молитвата е посилна од истрелот.“

На крајот, според неговите зборови пораката од Фатима открива силно непријателство помеѓу Марија и ѓаволот.

„Потребно е да се препознае присуството и делувањето на злото на луѓето и народите во историјата. Човештвото е трајно искушувано од непријателот на доброто кој секогаш е подготвен да го фрли во бездната на пропаста. Но, Синот Божји дошол да го уништи злото. Во таа борба Марија е силно вклучена во Христовото спасително дело, ефикасно делува со Својот Син против сатаната,“ рече кардиналот додавајќи дека Марија е вистинска „ѕвезда која ја следи Црквата и човештвото на бурниот пат низ историјата, подигнувајќи ја во душите на верниците силата на доброто која го отстранува и победува уништувањето на нападите на луѓето и изопачените идеологии.“

Всушност, во тоа според зборовите на кардиналот се гледа дарот (харизмата) на Фатима кој е вистински „дар на Тројството“ кој им овозможува на луѓето и Црквата да станат „свесни на доброто против злото, но и сигурната победа на милостите над гревот.“

Миодраг Војводиќ/Битно.нет/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Колумни

За авторот