Со помош на чудотворниот медалјон до олимписко злато

Со помош на чудотворниот медалјон до олимписко злато

Филипинските католички бискупи и честитаа на Хидилин Дијаз, дигачка на тегови, не само на првиот златен медал за Филипините досега, туку и на сведоштво за нејзината посветеност кон Пресвета Богородица.

Филипинката Хидилин Дијаз победи на Олимписките игри во Токио на 26 јули во дигање тегови во категоријата до 55 килограми за жени, кревајќи вкупно 224 килограми, поставувајќи нов олимписки рекорд.

По завршувањето на последната серија во многу изедначена конкуренција, Дијаз го покри лицето со рацете, се расплака и го допре чудотворниот медалјон на Пресвета Богородица, кој го носи на вратот. „Благодарам, Господи, благодарам, Господи!“ плачејќи повторувала.

Подоцна на подиумот за доделувањето на медалите, Дијаз покажа кон небото откако ја испеа филипинската национална химна, потоа го направи знакот на крстот пред да слезе и извика: „Да живеат Филипините!“

Нејзината победа и јавното сведочење на католичката вера ги допре срцата на црковните водачи и филипинските католици кои гледаа од дома и брзо станаа вирални на социјалните медиуми, пренесува ЦНА.

Кардинал Хозе Адвинкула, надбискуп од Манила истакна дека Дијаз им дала поттик на сите Филипинци. „Ви благодарам, Хидилин, за големата чест што и ја покажавте на нашата земја“, рече кардиналот преку Радио Веритас, кое го води Црквата.

„Вашиот успех дава светлина, поттик и надеж за сите нас, особено во овие тешки времиња … Ви благодариме за сведоштвото за силната вера во Бога и големата љубов кон Пресвета Богородица. Ви благодариме што нè потсетивте дека нема вистински успех ако не доаѓа од Бога “, рече кардиналот Адвинкула.

Во интервју за медиумите на 27 јули, Дијаз рече дека чудотворниот медалјон на Пресвета Богородица и го дале пријателите пред да замине за Токио на почетокот на овој месец.

„Тие молеа деветница пред мојот настап“, им рече таа на новинарите, додавајќи дека и таа самата ја молела деветницата и дека е благодарна за поддршката од нејзините „молитвени воини“.

Дијаз истакна дека медалот е „знак на нашите молитви и вера во мајката Исусова – Марија и Исус Христос“ и додаде дека нејзината вера во Бога е главната причина за нејзиниот успех.

ЦНА/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот