Служена света Литургија за почеток на учебната година

Неделната света Литургија, на 13 септември 2015 година, во парохиската црква „Свети Пророк Илија“ во Радово се служеше за почеток на учебната 2015/16 година. Литургијата ја предводеше о. д-р Зоран И.Стојанов, во сослужение на о. Трајче Ташев и о. Илија Стојанов, ѓаконуваше Ванчо Назов. Црквата беше полна од верниците со родителите и блиските на учениците и студентите од парохијата, како и просветните работици кои работат во Радово или се членови на парохијата.

Во својата проповед о.Зоран, нагласи: „Бог го сакаше човекот и пред Исусовото раѓање. Бог и денес го сака секој човек. Го сака и оној кој не го познава и не го признава Исуса, бидејќи Бог е над сите човечки поделби и над сите видови припадност. Бог надминува сѐ: расно, класно, национално, социјално… Бог ги сака и оние кои денес за жал се присилени да го напуштат својот роден крај, Бог ги сака и оние кои на истите ќе им помогнат…

Денес сме сведоци дека љубовта кон децата нé собра во храмот Божји и нé прави среќни. Сите сме деца Божји, Бог по љубовта кон нас сака да бидеме среќни. Поздравувајќи ве сите сакам да ги повикам нашите деца – ученици и студенти со радост да влезат во предизвикот кој го носи новата учебна година и со сето свое битие да им се посветат на достигнувањата кои оваа година ќе ги примат со наставната програма. Вас драги родители, вероучители и учители од срце ве поканувам да бидете со нив во следењето на програмата и изучувањето но и во воспитното растење на нашите деца. Сѐ што правете правете го со љубов!

Вие пак деца возвратете на таа љубов и од ова место ве повикувам: сакајте, почитувајте и слушајте ги вашите родители и учители…“

На крајот на светата Литургија преку своја програма која ја изведоа децата и младите заедно беше испратена порака до светот, која гласи: – Децата и младите од Радово порачуваат: Сите деца имат право да се школуваат! Сакаме мир во: Украина! – во Сирија! – во Либија! – во Авганистан!

(Children and young people from Radovo recommend: All children have the right to be educated! We want peace in: Ukraine ! – in Syria!– in Lybia!– in Afghanistan!…)

к.мк/Н.С.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот