Промотивен говор за монографијата „Црквата во пресрет“

Промотивен говор за монографијата „Црквата во пресрет“

Почитувани присутни, ценети домаќини и драги гости, благочестиви христијани и возљубени верници – добра вечер и добро ни дојдовте!     

За мене е особена радост што токму на овој датум, иако пет години подоцна, имам можност повторно да зборувам за излегувањето од печат на едно дело што и не претендира да се нарече само книжевно, иако цели кон книжевната историја; заедно со за мене многу почитуваниот господин Иван Котев. Иако одминаа многу промоции на коишто сме се менувале како промотери и гости, сепак ова е само втор наш заеднички настап и мене ми е особено важен и драг.

Ми претставува посебна чест што добив една ваква можност – непосредно да се обратам пред сите вас по повод објавувањето на ова монографско издание – тријазичник во форма на хронолошки бележник на активностите од посетата на еден големец од Светата христијанска црква на свети места и храмови во нашата татковина. Пред нас вечерва во печатена форма го имаме токму ова парче хартија, насловено „Црквата во пресрет“, чијшто главен и одговорен уредник е Неговото возвишенство, монсињор д-р Киро Стојанов. Моја задача ќе биде да дадам неколку референци за самото дело, видено од книжевна визура, без претензии да навлегувам во спиритуалната вредност и значење на книгата. За таа цел, ќе зборувам за формата и содржината на монографискава публикација, како и за значенското што од духовен карактер го побудува гореспоменатата посета на Неговата Еминенција Кардинал Пиетро Паролин, државен секретар на Светиот ватикански Престол.  Но, да започнам со ред…

На рамниште на формата треба да се одбележи дека ова монографско дело претставува велелепно издание, во голем формат, испечатено на 156 страници, богати со текстуални записи од одржаните говори при споменатата посета, на повеќе места во Македонија, а тие посети редовно се збогатувани со фотографии изработени и предадени во колор техника, во функција на овековечување на посебноста на опишаниот момент.

Од концепциски аспект треба да се издели триделноста на самото издание – односно, да се потцртат трите значенски целини на оваа монографија:  првата целина е на македонски јазик и на неговото кирилско писмо, втората на италијански јазик и третата целина е преведена на англиски јазик. Така, трите засебности функционираат како една кохерентна целина, надополнувајќи ја таа целовитост и збогатувајќи ја во суштина. Тоа на читателот му дава можност да продре во семантиката на нештата, без да почувствува ограниченост од формалности, каква што несомнено би била јазичната бариера на напишаното. На ниво на концепт вреди да се спомене и решеноста да се направи систематизирано хронолошко редување на настаните од така краткиот временски опфат, иако значајни по квалитет и изделени како особено важни од страна на главниот и одговорен приредувач на делово. Тоа нам, како на читатели, ни предава фон на сериозност и организираност, што се смета за особено важно кога едно дело доаѓа со потпис од ваква личност и, особено, од ваква света институција.

На јазично рамниште треба да се издели потполноста на изразот. Кога би се запрашале што, всушност, тоа значи, одговорот би бил дека на ниво на информативност и разбирање, јазикот во оваа публикација е чист, разбирлив и прецизен, без непотребен шум во комуникативна смисла и без оптоварувачки фрази што би изискувале консултуирање лексикони за да се проникне во суштината на кажаното. Тоа донесува јазична проѕирност и разбирливост, каква што несомнено треба да носи продуховената нота на едно четиво што треба да се нарече просветлено или од просветлението истечено и сотворено. Мудростите на одржаните говори се само дополнителен украс на јазичниот израз на монографската публикација „Црквата во пресрет“, којашто во самата суштина претендира низ прецизен јазичен рез да допре до срцата на своите верници: да поучи, да претстави, да изнесе на виделина нешта што само по директен пат пренесени не губат ни грам светлина од својата проникливост.

Еве како изгледа тоа во пракса пренесено:

„Ако Господ не ја изгради куќата, залудно ќе се трудат градителите нејзини; ако Господ не го запази градот, залудно ќе бдее стражата“ (цитиран е Псал 126, 1) или

„Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со ние! И ако ги сакате оние што ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние што ги сакаат нив. И, ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Зошто и грешниците го прават тоа. И, ако им давате заем на оние од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? (…)Туку, вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот…“. (Лука 6, 31-36)

Кога би требало да се продолжи кон семантичката подлога на ова монографско издание, на прво место мора да се издвои значенското поврзано со суштински присутното духовно низ квантативно малкуте страници на оваа публикација. Да се тргне во пресрет кон нешто неминовно бара да се роди порив за откривање на она што останало зад појмливото на голо рамниште. Тоа е процес што бара неколеблива волја да се талка по одговорите што една разбудена единка ја интересира. А, кога веќе разбуденоста се сфаќа низ една света димензија, со христијанството како подлошка на таквиот процес на разбуденост на духот, тогаш неминовно е да се стигне до средиштето на таквиот процес – односно, до среќавањето. Затоа што, кога се тргнува во пресрет кон некого или кон нешто, неминовно е да се случи среќавање: со човек, со маса луѓе или со самиот себе.  Во конкретниот случај, среќавањето е со една света и една профана димензија. Светоста потекнува од водечкиот поттик – да се одбележи значењето на високата кардиналска посета, којашто, кога се случува во парче тло како Македонија, има и тоа како неколкукратно зголемено влијание и значење. Ако кон ова се додадат регуларно-планираните обврски на високиот гостин, предадени низ информативен јазик, а поткрепени со фотографска граѓа, тогаш не помалку важен чинител на значенското на оваа монографија е можноста да документира настани, впечатоци и моменти, претворајќи се во не толку незначаен хроничар на времето и, со самото тоа, на мигот како значенски дел од временскиот човеков концепт. Профаноста, пак, на самото семантичко на ова монографско остварување, лежи во можноста да се забележи активноста на обичниот човек, како што и главниот и одговорен уредник во повеќе наврати забележува. Односно, да се документира желбата на обичниот верник да стане активен чинител на збиднувањата меморирани од оваа публикација и, со самото тоа, да се даде соодветна тежина на важноста на настаните опишани во информативниот дел од оваа публикација. Тоа објаснува, во голема мера, за ангажираноста на самото дело и за оправданоста на неговото постоење, како активен скаменувач на случените настани.

На не толку буквално ниво, односно на рамниште што подразбира читање на пораките зад појавното, од ова монографско издание на Светата христијанска црква, треба да се исчита поривот секогаш да се биде активен информатор на верниците, со желба да останат движечки честички во системскиот однос верници-црква-повисоки инстанци на верската власт. Од таквата линија, несомнено, е поттикнато и постоењето на ова значајно дело, суштински зачнато од идејата да се пренесе топлонамерното гостување на високиот гостин од Ватикан, како и да се обзнани пренесениот, од негова страна, благослов од Големиот Отец, папата Франциск, а сето тоа зачинето со одѕивот што таквиот настан го предизвика кај верниците католици во Р. Македонија. Изделените посети на државниот врв на нашата земја одат во насока на потврдување на важноста на таквиот настан, а со самото тоа и одбележување на успешноста, во организаторска смисла, на македонските домаќини, кои успеале со сите почести да вдомат така важна личност од духовниот живот на Светата христијанска вера.

На самиот крај, овозможената полилингвалност на четивото, преку несебичното раздавање на раскажаното на три јазици, дава можност да се исчита за рамноправноста на македонскиот јазик во друштво на двата широкораспространети светски јазици – италијански и англиски, а со самото тоа, и за христовата вера на Македонецот, како рамноправна и рамносилна на онаа со верниците од сите меридијани на земјината топка. На ваков начин разбрано, оваа монографска публикација оди во пресрет не само на црквата, ами и на човекот како единка и како суштинско градиво на новото време – коешто повеќе од кога и да било во хуманите векови има потреба од хуманистички поуки, гестови и насоки, со цел избавување на современиот човек од современо креираните сили на злото што секојдневно го демнат во разно-разни форми и дејанија.

м-р Владо Ефтимов
магистер по културологија во литературата

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Колумни

За авторот