Прва Причест во Успение на Пресвета Богородица  – Струмица

Во недела 1 јуни 2014 година во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија служеше света архиерејска Литургија повод Првата Причест во парохијата.

На светата Литургија за прв пат се причестија 24 деца, кои пак пред самата причест ги обновија своите Крштелни завети. Овие деца под водство на сестра Тереза Стојкова подолго време беа подготвувани за овој голем ден.

Во проповедта Н.В.П. монс д-р Киро Стојанов ги истакна плодовите од светата Причест. „Со своето сопствено Тело и со својата сопствена Крв сака да ги храни нашите души и на тој начин да се грижи за нашиот натприроден живот. Во светото Причасите Тој така совршено се соединува со нас, целосно ја проникнува нашата душа и со Него станува едно битие, истакна епископот Стојанов, говорејќи за првиот плод од Светата Причест.

Вториот плод е посветувањето на душата: „Неговата присутност во нас потполно ја преобразува, обновува и посветува нашата душа, така да таа станува уште повеќе учесничка во натприродниот или Божјиот живот“, истакна владиката Стојанов.

Трет плод на светата Причест е „помошта во борбата против гревот и побуда на крепостен живот“, додека четвртиот плод од светата Причест е „залогот на славното воскресение и вечен живот“.

Парохот протоереј о. Ѓорги Трајков на крајот од светата Литургија се заблагодари на сите кои дадоа свој допринос во подготовката на ова славење, а децата добија Спомен од Првата света Причест

По тој повод е прикажана и приредба поврзана со Причеста, а потоа следуваше заедничко агапе во парохиската сала.

К.мк/го*ко

Категорија: Македонија

За авторот