Папата: За десетата годишнина од мојот понтификат, подарете ми мир

Папата: За десетата годишнина од мојот понтификат, подарете ми мир

„Popecast“ е името на подкастот во кој Папата зборува за себе, а ватиканските медиуми го изработија по повод десетгодишнината од неговиот понтификат: „Не мислев дека ќе бидам Папа за време на Третата светска војна.“. „Најдобриот момент? Средбата со старите лица на плоштадот Свети Петар. … Она што не би сакал да го видам се млади луѓе убиени во конфликти“

„Првото нешто што ми паѓа на памет е дека изгледа како да беше вчера… Тоа е првата мисла што ја кажа папата Фрањо во подкастот посветен на десетгодишнината од неговиот понтификат. Десет години поминати во „напнатост“ – вели Папата – во време кое е поважно од просторот и во кое наизменично се изменуваа средби, патувања, лица на многу луѓе.

На прашањето што сака да сподели со светот по повод овој важен момент за неговиот живот и за неговата служба, Папата одговара:

Времето притиска… брза. А кога сакаш да го фатиш денот, веќе е вчера. Ако сакаш да го фатиш утрето, уште го нема. И вие се наоѓате во таа напнатост на денес што е вчера, а не утре. Така да се живее е новост. Мислам дека изминатите десет години беа такви: напнатост, живот во напнатост.

Од илјадници аудиенции, стотици посети на бискупии и парохии и од четириесет апостолски патувања до секој агол на светот, Папата чува специфичен спомен во своето срце. Тој го именува „најубавиот момент“. Станува збор за средбата на плоштадот Свети Петар со постарите лица, односно за аудиенцијата со бабите и дедовците од целиот свет, одржана на 28 септември 2014 година.

Старите луѓе се мудрости и многу ми помагаат. И јас сум стар, нели?

Имаше и грди моменти, а сите се поврзани со ужасите на војната. Прво, посета на воените гробишта во Редипугла и Анцио, комеморацијата за истоварувањето во Нормандија, потоа молитвено бдение за да се спречи војна во Сирија, а сега суровоста, која повеќе од една година се живее во Украина.

И мислам на мајките кои добиваат писмо во кое пишува: „Госпоѓо, чест ми е да ви кажам дека сте мајка на херој. Ова е медалот“. Писмо, медал, но го нема синот.

Тој, бискуп кој дојде од крајот на светот, не очекувал да биде Папа што ќе ја води Универзалната црква за време на Третата светска војна.

„Тоа не го очекував… Мислев дека Сирија е посебен случај, единствен, но тогаш беше Јемен, трагедијата на Рохинџи во Мјанмар. Но, зад војните стои индустријата за оружје, тоа е ѓаволски.

Притоа, Папата повторно го спомна експертот кој му рекол дека ако не се произведува оружје една година, гладот ќе исчезне во светот.

Ме боли кога гледам мртви, млади мажи – дали Руси или Украинци, сеедно – не се враќаат. Тешко е тоа да се поднесе.

Хорхе Марио Бергољо затоа не се сомнева што да побара од светот како подарок за оваа важна годишнина: „Мир, ни треба мир“.

Своите последни мисли Папата ги посвети на соништата од кои – како што секогаш вели – никогаш не смееме да се откажеме бидејќи се тесно поврзани со сеќавањето за иднината. Има три соништа на Папата; за Црквата, за светот и за оние кои владеат со светот, сон за човештвото:

Братство, солзи, насмевки… Човечко братство, сите сме браќа, братството треба повторно да се воспостави. Покрај тоа, научете да не се плашите да плачете и насмевнете; кога човек знае да плаче и да се насмее, тој е човек кој цврсто стои на земја, а погледот му е вперен во хоризонтот на иднината. Ако заборавиме да плачеме, нешто не е во ред. Ако заборавиме да се насмееме, тоа е уште полошо.

Папата Фрањо на крајот се заблагодари и упати благослов до сите оние кои преку брановите на Радио Ватикан го слушаат неговиот глас на сите географски широчини и кои во овој момент му испраќаат честитки.

„Popecast“ е достапен и на Spotify

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот