На пат кон Канада, папата Фрањо ја истакна важноста на бабите и дедовците и постарите лица

На пат кон Канада, папата Фрањо ја истакна важноста на бабите и дедовците и постарите лица

На пат кон „покајничкото ходочастие“ во Канада, папата Фрањо им се обрати на новинарите кои беа со него на летот и потсети на Светскиот ден на бабите и дедовците и старите лица, кој Црквата го одбележува на 24 јули. Тој посочи дека бабите и дедовците се како корени кои треба да се зачуваат.

Иако не беше во можност да моли Ангел Господов со верниците на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо тоа го направи со новинарите на летот за Канада. Тој во краткиот говор потсети на денешниот Светски ден на бабите и дедовците и старите лица, кој годинава го носи мотото „„Во староста ќе бидат плодни“ (Псалм 91,14). Црквата го празнува овој ден во четвртата недела во јули, блиску до празникот на светите Јоаким и Ана – баба и дедо на Исус Христос. Папата Фрањо минатата година го востанови овој ден, нагласувајќи дека бабите и дедовците често се заборавени, но дека тие се врската меѓу генерациите, пренесувајќи им го искуството на животот и верата на младите.

Да се вратиме кај бабите и дедовците

Обраќајќи им се на новинарите на летот, Папата истакна дека дедовците, бабите и постарите луѓе ни пренесуваат историја, традиции, навики и многу други вредности.

„Денес треба да се вратиме кај нашите баби и дедовци, би рекол како лајтмотив во смисла дека младите мора да имаат контакт со бабите и дедовците, да се вратат кај нив, да се вратат на своите корени, не да останат таму, не, туку да одат напред со нив како стебло: кое зема сила од коренот и ја носи во цветовите и во плодот“.

Тој нагласи дека бабите и дедовците се заслужни за процутот и созревањето на идните генерации и треба да се почитуваат.

Не ги кријте постарите монаси

Се присети и на постарите монаси и монахињи, кои ги нарече „дедовци и баби на посветениот живот“.

„Ве молам, не ги сокривајте, тие се мудроста на монашкото семејство, нека контактираат со нив новите монаси и монахињи, искушеници, искушенички, тие ќе го дадат целото животно искуство кое на многу ќе им помогне да одат напред.”

Папата потсети дека секој од нас има баба и дедо. „Денеска да се потсетиме на нив на посебен начин, толку многу добивме од нив: пред се историја. Им благодариме“, заврши Светиот Отец.

Поздрав до новинарите

На летот, тој ги поздрави и новинарите – околу 80, кои се од десетина различни земји и го придружуваат на ова патување. Посакувајќи им на сите пријатна недела, Папата им се заблагодари за нивното „служење“ и „дружење“. Светиот Отец на директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, кој беше покрај него, ја потврди подготвеноста да ги поздрави новинарите, како и обично, додека оди по ходниците на авионот. Мислам дека ќе успеам, можеме да одиме“, рече Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот