Кардинал Луис Рафаел Сако: Ирачките христијани се прогонувани

Кардинал Луис Рафаел Сако: Ирачките христијани се прогонувани

На ирачките христијани и на другите малцинства им треба гаранција за да можат да останат во својата земја.

Халдејскиот примас кардиналот Луис Рафаел Сако упати порака на интернет страницата на патријархатот, а ја пренесува катличката агенција AsiaNews. Кардиналот ги осудува киднапирањата, барањето откуп, убиствата и уништувањето на куќите, со што во последните години Ирак го направи небезбеден. Тоа предизвика зголемување на недовербата кај христијаните кои беа присилени да се иселат.

Според мислењето на кардиналот, денес повеќе од било кога е важно да се обнови општественото и политичкото ткиво и да се обезбеди иднина за прогонетите ирачки христијани кои во минатото дале многу важен придонес за економскиот, општествениот и културниот развој, и напоменува дека е потребно да им се врати загубеното достоинство.

Корените на ирачките христијани поттекнуваат од првите векови после Христос. Таа е првата причина зошто кардиналот Сако вели дека христијаните треба да останат во својата земја во која моментално 80% од нив се иселени заради постојаното прогонство. Во март тројца асирски христијани загинаа, и пронајдена е заедничка гробница со 40 тела на христијани.

Халдејскиот примас изрази длабока загриженост за судбината на христијаните кои во текот на својата долга историја служеле на својата земја на многу одлучен и влијателен начин на сите нивоа посебно на економско, културно и општествено. Тие цврсто веруваат дека Ирак е нивната земја на потекло и составен дел од нивниот идентитет и дека тие претставуваат основен дел од општеството. Ирачките христијани отфрлаат да останат на маргините на општество. Од длабочината на своите срца сакаат за сите мир, сигурност, вистинска еднаквост; вистинско признавање на државјанството, слободата и достоинството.

Ирачките христијани претпрпеле општествени и политички притисоци, и кон нив се однесува како кон безначајно малцинство – предупреди кардиналот и потсети – ја преживеаја војната помеѓу Иран и Ирак, окупацијата од Кувајт, 13 години ембарго, пад на режимот во 2003 година и неуспешни влади кои се менуваа една по друга. Тоа доведе до нестабилност затоа што недостасуваа темелите на националната држава кои ќе ги обедини во култура на грѓанска припадност и еднаквост. Го победија секташтвото, племенската припадност и фундаментализмот. Но, верата мора да биде заснована на милосрдието, прифаќањето на другиот и на доброто однесување кон сите.

Влошувањето на ситуацијата во изминатите 13 години и нејзините последици меѓу кои се киднапирањето, барањето откуп, убиства, бомбашки напади и ограбување на куќите предизвикаа загуба на довербата и надежта на христијаните во подобра иднина, а сето тоа ги присили да напуштат сѐ и да се иселат – напиша кардиналот Сако и нагласи: Ширењето на т.н. Исламска држава која стана симбол за прогонството на христијаните беше уште една причина за нивното ислелување. Исламската држава дава три избори на христијаните: обраќање на ислам, плаќање надомест за заштита или присилно и непосредно напуштање на својата земја, и смртна казна.

Меѓународните организации исто така ги поттикнуваа христијаните на иселување пружајќи им ја целата поддршка – рече кардиналот и додаде: Средствата за социјална комуникација го правеа истото, истакнувајќи дека нема да има повеќе христијани во Ирак. Ирачките христијани чувствуваат дека нивното достоинство е нападнато, дека нивната доверба е загубена и дека нивниот илјадагодишен живот е загрозен. А тоа важи и за нивната припадност, историјата, идентитетот, верата и јазикот. Христијаните претставуваа 5% од ирачкото население, односно околу 1,5 милиони пред падот на режимот; беа национална, културна, општествена и економска елита. Меѓутоа од почетокот на 2003 година убиени се околу 1220 христијани, запленети се 23 илјади христијански недвижности, 58 цркви се дигнати во воздух, а под меѓународен притисок 1 милион христијани од вклупно 1,5 милиони се иселија од Ирак.

На ирачките христијани и на другите малцинства потребна им е гаранција за да можат да останат на својата земја, да го продолжат своето илјадагодишно присуство и соживотот со другите составни делови на општеството – нагласува кардиналот Сако и продолжува: Тие сакаат владата да ги гледа исто како и другите групи, овозможувајќи им да се чувствуваат како граѓани со еднакво достоинство како во правата така и во обврските. Затоа што државјанството како што знаеме не се заснова на верата и верската наука, туку на заедничките темели.

За да не ја напуштаат сопствената земја на христијаните им требаат брзи и јасни решенија на прашањата како што се почитувањето на идентитетот, историските подрачја и заштита од закани и дискриминаторски закони – објасни кардиналот и рече: Потребна е голема обнова на довербата помеѓу христијаните и нивните соседи во ослободените подрачја преку конкретни постапки како што се казнување на злосторниците, обештетување на жртвите, враќање на недвижностите на вистинските сопственици, отстранување на мините од нивните обработливи површини, обнова на нивните домови и подобрување на основните услуги за да можат да се вратат во своите домови.

Моменталните прилики бараат јасна стратегија за да се воспостави општествена правда и остварување на еднакви можности за сите. Многу е важно да се работи на расудување, поучување, воспитување во културата за прифаќање на другите и взаемно почитување на луѓето кои припаѓаат на различни религии. Сето тоа треба да се прави во семејствата, местата за богослужба, училиштата, книгите и училишните програми, и во образовнието на наставниците. Треба да се осудат било какво навреди или насилство на било кој граѓанин, посебно ако е предизвикано од верска, етничка или полова припадност – заврши ирачкиот кариднал Луис Рафаел Сако.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот