Генерална аудиенција: Желбата е „компас“ за расудување на правецот

Генерална аудиенција: Желбата е „компас“ за расудување на правецот

Во катехезата на Генералната аудиенција Папата продолжи со размислувањето за расудувањето и истакна дека „компасот“ што го движи секој живот се наоѓа во способноста да посакуваме нешто убаво, за тоа да се потрошиме, иако се чини дека леснотијата на пристап до нештата го ослабе тој поттик. Но, можеме да му се молиме на Бога да го спознаеме и оствариме она што Тој го стави во нашите срца.

На Генералната аудиенција, во среда 12 октомври 2022 година, папата Фрањо продолжи со серијата катехези за расудувањето, говорејќи за желбата. Расудувањето е облик на истражување – рече тој – и истражувањето секогаш произлегува од нешто што ни недостасува, но што на некој начин го знаеме. Желбата е копнеж за полнота што никогаш не наоѓа целосно исполнување, а тоа е знак на Божјото присуство во нас – објасни Папата.

Италијанскиот збор доаѓа од прекрасниот латински израз: de-sidus, што буквално значи „недостиг на ѕвезда“; желбата е недостаток на ѕвезда, недостаток на основа што го насочува патот на животот; потсетува на страдање, недостаток и во исто време напнатост за да се постигне доброто што недостасува. Затоа, желбата е компас кој ни помага да разбереме каде сум и каде одам; згора на тоа, таа е компас што помага да сфатиме дали сум неподвижен или одам; човек кој ништо не посакува е неподвижна личност, можеби болна, скоро мртва.

Желбата трае со времето и ги надминува тешкотиите

Искрената желба може длабоко да нѐ допре и поради тоа не слабее пред тешкотиите или неприликите – додаде Светиот Отец и даде пример за човек кој е жеден; ако веднаш не најде вода, не се откажува поради тоа, продолжува да ја бара. И тој е подготвен на секаква жртва, само да ја најде. Желбата трае со времето.

Папата потоа даде уште еден пример, млад човек кој сака да стане лекар. Ќе мора да се труди и да се одрекува, ќе мора да поставува граници, да каже „не“, пред се на другите студии, но и на можната забава и слободно време. Но, неговата желба му помага да ги надмине овие тешкотии – рече тој и истакна дека пред да направи чудо, Исус често го прашува човекот за неговата желба.

На пример, кога го сретна фатениот човек на бањата Витезда, кој бил таму многу години и никогаш не успеал да го фати вистинскиот момент да влезе во водата. Исус го прашува: „Сакаш ли да оздравиш?“ (Иван 5, 6). Како така? – праша Светиот Отец. Всушност, одговорот на фатениот човек открива низа чудни отпори на лекување, кои не се однесуваат само на него. Исусовото прашање беше покана да ги разјасни работите во неговото срце, за да прифати можен премин кон подоброто; повеќе да не мисли за себе и за својот живот како за „земен човек“ што го носат другите. Но, човекот на постелката не е толку убеден. Во дијалог со Господ, учиме што навистина сакаме од нашите животи.

Пазете се од поплаки кои ја одземаат желбата

Тој фатен човек – додаде Папата – е типичен пример за луѓе кои велат дека сакаат нешто, но не прават ништо за да ја остварат својата желба. Желбата за дејствување станува како илузија и не преземаат чекор за да го направат тоа, а потоа може да почнат да се жалат. Но, внимавајте, јадикувањето е отров, отров за душата, отров за животот затоа што не дозволува да расте желбата за да се продолжи понатаму. Бидете внимателни со поплаките. Кога се жалат во семејството, сопружниците се жалат, се жалат еден на друг, децата се жалат на таткото или свештениците за епископот, или епископите за многу други работи… – забележа тој и нагласи: Ако се жалите, бидете внимателни, тоа е скоро грев, затоа што не дозволува желбата да расте.

Многумина не знаат што сакаат од животот

Римскиот епископ потоа се осврна на историскиот момент во кој живееме и истакна дека од една страна изгледа дека се поддржува максималната слобода на избор, но истовремено се ослабува желбата сведувајќи ја на нешто привремено. Илјада предлози нè бомбардираат, ризикувајќи да нè одвлечат од она што навистина го сакаме. Да ги земеме пример младите луѓе, со мобилни телефони во рака, бараат, гледаат… Но, дали застануваат да размислат? – праша Папата.

Многу луѓе страдаат затоа што не знаат што сакаат од својот живот – додаде папата Фрањо. Веројатно никогаш не стапиле во контакт со нивната длабока желба. Оттука и опасноста да го трошат животот меѓу обиди и различни решенија, не добивајќи ништо и трошејќи драгоцени можности. Така, некои промени, иако теоретски посакувани, никогаш не се реализираат кога ќе се укаже прилика, нема силна желба да се продолжи.

Да го молиме Господ да ни помогне да ја дознаеме неговата желба

Што би му одговориле на Господ денес ако ни го постави прашањето што му го поставил на слепиот во Ерихон: „Што сакаш да направам за тебе?“ (Марко 10,51) – праша римскиот епископ. Можеби конечно би можеле да го замолиме да ни помогне да ја реализираме длабоката желба за него, што самиот Бог ја ставил во нашето срце. И можеби Господ ќе ни даде сила тоа конкретно да го реализираме за да нè направи учесници во неговата полнота на животот. Тоа е, имено, Божјата желба за нас – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот