Велигден – Плодови од Воскресението

Велигден – Плодови од Воскресението

Со ова размислување редакацијата Католици.мк ви го честита празникот Воскресение Христово – Велигден. Христос воскресе – Навистина воскресе!

По победоносната ноќ од Господовото воскрснување во овој свет ден да дозволиме на нас да се излие силата на Неговото Воскресение, бидејќи Неговото Воскресение донесе вистински плодови на животот за човечкиот род. Патот по кој поминал Исус за да би влегол во вечното светилиште како Победник, тоа е патот кој ни претстои и ние да го поминеме, бидејќи ниту за нас не постои друг пат до вечноста, за која ни сведочи евангелскиот текст (Иван 20, 1-9), кој го опишува доаѓањето на жените и на учениците на Господовиот гроб. Неговиот отворен и празен гроб бил вистински влез во Божјото срце во кое растат плодовите на спасението и на вечниот живот. Затоа Исус меѓу нас не дошол само како Учител, туку бил пример за носењето на крстот, за поднесувањето на страданијата и болките, за понизното прифаќање на смртта, свесен дека после неговата воскресна победа и ние стануваме победници. По неговото славно воскресение ние примаме небесни дарови. Преку неговиот гроб преминуваме во нераспадливиот живот и според неговиот воскреснат лик и ние се преродуваме и се обликуваме во нов човек.

Тој, за кого исповедуваме дека умрел на крстот заради нас и заради нашето спасение, не воскреснал само заради Себе, туку затоа за да нѐ дарува со плодовите на Неговото Воскресение. И додека можеби во неверие се прашуваме кои се тие плодови или што конкретно направил за нас, додека исчекуваме со телесните очи да ги видиме резултатите на Неговото Воскресение, ништо од тоа нема да се случи. Бидејќи плодовите од Неговото Воскресение не се гледаат со надворешна блескавост, ниту се истакнуваат со посебни надворешни особини и промени. Ниту пак како со волшебно стапче да ги промени социјалните и економските услови на човечкиот живот. Напротив. Неговото Воскресение ја допира самата суштина на човечкиот живот, далеку од очите на светот и на неговите појави. Неговото Воскресение се случило во најголемите длабочини на нашето битие, втиснато во сите честички на нашето живеење. Затоа донесе плодови најпрво во нашето срце правејќи го цврсто и удобно прифатилиште на Божјата љубов. Потоа, плодовите од воскресението се гледаат во срцето кое е спремно да сведочи и покрај тоа што е искушувано околу Божјата љубов односно во срцето кое е освоено од силата на Божјиот живот кој ја победува темнината и студот на гробот. Плодовите на воскресението се насетуваат во преобразувањето на срцето кое од бојазливо и нагризено од неверство, станува храбро срце кое сведочи и на сите им ја навестува новоста на животот во Исус Христос.

А како што им се случило на двајцата ученици кои на воскресното утро трчале на гробот, така Исус и во нашите срца денес со своето Воскресение буди надеж во животот. Петар и Иван поверуваа дека воскреснал и дека е жив како што им ветил и во нив се влеал новиот живот. На неговиот празен гроб откриваат дека по вера тој е жив во нивните срца, во кои на таинствен начин се вселил. Почнале со очите на духот да го откриваат во нивната внатешност, тргнувајќи од гробот кој не дозволил во неверството нивните срца да умрат. Распнатиот Исус не бил повеќе во гробот, туку бил жив во нив, при што нивните животи станале место на Неговото Воскресение и на вечниот живот. Еднаш засекогаш градителите кои го отфрлија каменот во нив стана камен-темелник, а оној камен кои луѓето го беа ставиле на неговиот гроб и на нивните срца, неповратно бил истркалан за да не пречи повеќе во животот.

Затоа нашиот пат, ако сакаме да влеземе во вечниот живот, не смее да го одмине Христовиот гроб, кој што е допирно место на овој и оној живот, место на нашето спасение на кое е објавена неотповикливата Божја љубов. Тоа е место на кое и ние ќе го тргнеме каменот на гревовите и на неверувањето, а ќе го прифатиме Христос како камен-темелник кој ја зацврстува градбата на нашиот живот. Од тоа свето место кое сведочи за Неговото Воскресение, нашиот чекор конечно е упатен кон друг правец – во правец на верата, надежта и љубовта. Навистина е од непроценливо значење за нашиот мал човечки живот да влеземе во Божјото срце и да ја вкусиме силата на неговата љубов, како што Петар и Иван беа влегле во празниот гроб. Само во него може да го стекнеме искуството на онаа моќна, веродостојна љубов која љуби со света ревност и е предводена од верата до таа мера што ниту смртта не може да ја повреди.

Да се живее со воскреснат живот значи да се живее дарот на животот кога го живееме како носители на верата и надежта во срцата на другите. Вистински живееме тогаш кога својата дарежлива љубов ја живееме во срцата на оние кои им се даруваме како зрели верници, тогаш кога се даруваме со зрела и целосна љубов која е способна да го соедини во единство тоа што е разделено, која има моќ да ги охрабри уплашените, да ги собере распрснатите, да ги оживее умрените, да ги утеши ожалостените. Оваа љубов е единствена која е способна да подигне ново човештво и одвнатре да ги зацврстува нашите семејства со нова и неповторлива сила. Новиот свет, навистина, не се создава на надворешниот изглед, туку во обновеното срце кое е исполнето со вера. Новиот свет и новото човештво се создаваат во срцето исполнето со живот вечен, во срцето исполнето со Божја љубов која Воскреснатиот ја втиснува во нашите срца. Новиот свет се создава од Христовиот празен гроб кој на нас ни е даден како извор на љубовта и силата да донесуваме плодови достојни на Неговото Воскресение.

Затоа многу е важно денес да осетиме во Христовиот гроб како чука Божјето срце, чие чукање на животот го слушнале Петар и Иван и поверувале во сето тоа што Исус им зборувал, а Светото Писмо го навести. Воплотениот Господ кој со Воскресението ја вкусил сета сила на Татковата љубов и нас нѐ повикува да ја осетиме и да ја сведочиме живеејќи го достојно новиот живот кој сме го примиле. Да не дозволиме дарот на Неговото Воскресение во нас да биде неплоден, бидејќи на тоа немаме право. Од моментот кога Тој својата човечка природа ја обдарил со бесмртен живот, и нам ни ја покажал силата на своето преобразување и моќта на својата љубов. А дарот кој сме го примиле, да го сведочиме на другите па и ние, како и апостолите, на светот да му донесуваме плодови на воскресението и со тие плодови да го прославуваме нашиот воскреснат Господ, кој во славата на Отецот живее и царува во единство на Светиот Дух, Бог, во сите векови.

Дела и Вера/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот