Бискупот Стојанов во Скопје служеше Миса за мир во Украина

На петатата воскресна недела, 18 мај 2014 на повик на Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов, во сите парохиски заедници во Македонија се молеше за мир во Украина, чиј што ден беше обележан со мотото: „Македонија моли за мир во Украина“.

По тој повод во скопската катедрала Пресвето Срце Исусово свеченото Евхаристиско славење го предводеше бискупот Стојанов во сослужение на скопскиот парох дон Давор Топиќ.

На Мисата беше присутен украинскиот амбасадор во Република Македонија, господин Јуриј Хончарук, како и претставници на други амбасади во Република Македонија.

Во пригодната проповед која на англиски ја преведуваше богословот Бошко Чатлак, бискупот Стојанов рече: „ Светиот Отец папа Фрањо во повеќе наврати апелираше и апелира за мир во светот а пред сè во Украина, Сирија и Нигерија. Тој за време на традиционалната порака за „градот и светот“ на Велигден помеѓу другото рече: Во Украина „сите кои се вклучени во кризата“ ќе мора да превземаат „секој можен начин“ како би се прекинало насилството. Меѓународната заедница мора да вложи максимален напор како би го подржала мировниот процес. Иднината на Украина може да се заснова само во „духот на заедништвото и дијалогот“.

На таквите апели на светиот отец Папа ниту ние во Македонија не останавме неми набљудувачи туку се вклучивме во молитвата со многумина во светот за прекин на крвопролевањето и да се даде простор на дијалогот. Но, како ситуацијата сè повеќе се вжештува одлучивме на ниво на целата Католичка црква во Република Македонија под мотото: „Македонија моли за мир во Украина“ да се молиме за мир и помирување во Украина, да се даде предност на дијалогот, а не на оружјето.

„Кога денес молиме и зборуваме за мир, обично мислиме на отсутноста на војната. Бараме мир и говориме за мир. Никој не сака војна, а сепак таа се случува. Мир е голем збор во наше време. Политичарите се трудат да биде мир. Таму каде се војува, дипломатијата настојува со преговори да ја заостави војната  – некаде успешно, некаде помалку или никако. Но зошто доаѓа до војна, зошто се војува, кога сите зборуваат за мир и за мирно решавање на судирите и бараат формула за мир? Зошто нема мир?

Одговор ни дава Библијата или Светото Писмо. Мир нема бидејќи го нема во срцата на луѓето. Бог сака да престојува во срцето на човекот  ако човекот тоа не го допушта, тогаш настанува празнина во човечкото срце во кое се вселува немир, незадоволство, завист и сите пороци, да не кажам гревови опишани во Галатјаните  5,19-21.

Во Библијата наоѓаме најдобар пример зошто е зло во светот, и тоа во посланието на апостол Јаков 4,1-3….“

„Војната секогаш мора да ја сметаме пораз: пораз на разумот и човечноста“ – говореше св. Иван Павле II. Наместо крвопролевање тој неуморно повикуваше на помирување и прошка, но тој тоа не само го зборуваше туку и со својот пример го покажуваше. „Мирот е неразделив од правдата, а правдата е неспоива со злото“.

„Пресвета Дева Марија е пример на евангелското миротворство бидејќи со сето срце го прими Исус Христос и оспособена од неговата љубов стана со него победница над злото и смртта. Заради тоа со право ја нарекуваме Царица на мирот зашто таа му служи на мирот кога ни помага да во нас се всели Исусовото дело на помирување. Ни порача да мораме да го сведочиме во конкретните ситуации на многу меѓусебни недоразбирања кои завршуваат со судири и други криви чекори.“

„Моменталната ситуација во Украина на политички и други нивоа во животот и мноштвото на бесмислени судири, крвопролевања и поделби сведочи за недостатокот на културата на мирот. Оттука драги верници ве повикувам да се молиме за мир во Украина да се воспостави духот на евангелскиот однос во тоа општество да веруваат во Божјиот мир и самите да бидат миротворци и на тој начин допринесат мир во својата татковина и светот, а уште повеќе да се сопре крвопролевањето, омразата, недоразбирањата а загосподари Божјата љубов, меѓусебното почитување и праштање за доброто на сиот украински напатен народ и нејзините граѓани“, порача бискупот Стојанов.

На крајот од Литургиското славење бискупот Стојанов ја предводеше молитвата за семејствата која се моли во парохиските заедници, а по повод прогласената Година на семејство.

За свечена Литургија свој допринос дадоа министрантите предводени од церемонијалот, богослов Бошко Чатлак (Редемпторис Матер), а за време на Мисата пееше катедралниот хор предводен од с. Татјана Атанасова.

По завршувањето на Мисата бискупот Стојанов во салата на Пасторалниот центар приреди краток прием за лицата од дипломатскиот кор.

К.мк.

Категорија: Македонија

За авторот