Папата Фрањо: Светиот Дух ни дава храброст да го навестуваме Евангелието

Ватикан, 22.5.2013 /к.мк/ – И денес бројни поклоници од најразлични краеви на светот го преплавија плоштадот Свети Петар. Папата Фрањо со отворено возило помина низ плоштадот поздравувајќи и благословувајќи ги присутните, посебно децата и лицата со хендикеп. Меѓу присутните на аудиенцијата беа и фудбалерите на фудбалските клубови Лацио и Рома, кои овие денови на олимпискиот стадион во Рим ќе играат дерби за купот на Италија. Папата уште еднаш ја фокусира својата проповед за улогата на Светиот Дух, истакнувајќи дека тој дар е на дофат на секој од нас.

Јазикот на Светиот Дух е јазикот на евангелието, тоа е јазик на заедништво, кој не повикува да ја надминеме рамнодушноста и затвореноста, поделбите и спротивставувањата, рече папата Фрањо, забележувајќи дека настаните со Вавилонската кула често се повторуваат. Според Библијата со Вавилонската кула започнала поделбата на народот на разни групи и јазична конфузија, што е последица на човечката горделивост и ароганција. Човекот сакаше да изгради град, кула, чиј врв требаше да го допре небото, со сопствени сили, без Бог. На Духовден тие поделби се надминати. Нема повеќе ароганција кон Бог, ниту пак затворање кон другите, туку се случува отворање кон Бог и навестување на неговото Слово. Се создава нов јазик, јазик на љубовта, кој Светиот Дух ја влева во срцата, јазик кој можат сите да го разберат. Ако се прифати може да биде изразен во сите средини и култури, рече папата Бергољо пред околу 100.000 верници собрани на плоштадот Свети Петар и истакна дека мора да се запрашаме дали ние дозволуваме Светиот Дух да не води за да нашето сведоштво на верата биде соединето со заедницата. Дали носиме евангелска порака на помирување и љубов во средините во кои живееме? Што правам со својот живот? Соединувам или пак внесувам раздор со своето мрморење и критики? Да се носи евангелието значи да се навестува и да се живее помирувањето, да се простува и да се гради мир и единство во љубов која ни ја дарува Светиот Дух.

Без молитва нашите активности се празни, а нашето навестување е без душа, затоа што не е вдахнато од Светиот Дух. Да му дозволиме да нè води, да бидеме мажи и жени на молитва, кои храбро ќе го навестуваат Евангелието, претворајќи се во средства за единство и заедништво со Бог, истакна Светиот Отец.

На крајот од Генералната аудиенција Светиот Отец ги повика верниците да се молат за кинескиот народ, посебно за Католичката Црква во таа земја. На тоа го поттикна празникот Богородица од Шешан, која во 2007 година папата Бенедикт XVI ја прогласи за ден на молитва за Кина. Папата Фрањо изрази надеж дека католиците од Кина понизно и со радост ќе го навестуваат Воскреснатиот Христос и дека ќе останат верни на Петровиот наследник. (го*ко)

Категорија: Ватикан

За авторот