Папата Фрањо: грешници, изопачени и светци

Ватикан, 3.6.2013 /к.мк/ – Грешници, изопачени и светци. На овие три поими папата Фрањо се задржа во неговото кратко размислување во понеделникот 3 јуни за време на света Литургија во капелата на домот Света Марта во Ватикан. Изопачените, истакна Папата, нанесуваат сериозна штета на Црквата, бидејќи се „обожаватели на самите себе”; светците пак прават добро, бидејќи се светлина за Црквата. На светата Литургијата сослужуваше кардинал Анџело Амато, префект на Конгрегацијата за прогласување на светци, а на светата Литургија присуствуваше и една група вработени од Апостолската палата.

Во проповедта папата Фрањо говореше за Евангелието наменето за светата Литургија за денес, во кое Исус зборува во парабола за „лозарите предавници” (Марко 12, 1-12), и посебно се задржа на „три вида христијани во Црквата: грешници, изопачени и светци”. За грешниците, посочи Светиот Отец, „не е потребно многу да зборуваме, бидејќи сите ние сме грешни”. Но параболата, истакна Папата, „ни зборува за една друга категорија, за оние кои сакаат да го присвојат лозјето, а со тоа ја губат врската со Господарот на лозјето”. Господар кој „не повикува со љубов, кој не штити, кој исто така ни дава слобода”. Овие луѓе „се чувствуваа силни, се чувствуваа независни од Бог”:

„Овие луѓе постепено се лизнаа од онаа независност од Бог. Овие луѓе припаѓаат на категоријата на изопачени! Тие беа грешници како сите нас, но направија еден чекор напред, така што беа зајакнати токму од гревот, говорејќи: не ни треба Бог! Но тоа е само навидум, бидејќи во нивниот генетски код им е впишана врската со Бог. И бидејќи не можат да ја негираат оваа врска, тие си создаваат личен бог: тие самите стануваат бог. Такви се изопачените!”

Ова исто така е опасност и за сите нас, истакна папата Фрањо. „Во христијанските заедници, изопачените мислат само за нивната група”: но во стварноста тие живеат само за себе“.

„Од страствен грешник Јуда стана изопачена личност. Патот кој води кон независноста е опасен: изопачените забораваат лесно, заборавија на љубовта со која Господ го создаде своето лозје, со која ги создаде и нив! Тие ја прекинаа врската со таа љубов! И така стануваат обожаватели на самите нив. Колку зло предизвикуваат изопачените во христијанските заедници! Нека Господ нè избави од патот на изопаченост!”.

Папата Фрањо се задржа и на животот на светците, потсетувајќи на педесеттата годишнина од смртта на Иван ХХІІІ – „пример за светост”. Во денешното евангелие, додаде Светиот Отец, светците се оние кои „го даваат плодот од лозјето”. „Тие знаат што ги очекува, но мора да го сторат тоа, бидејќи ја вршат нивна должност”:

„Светците се послушни на Господ, тие му се молат и не ја забораваат љубовта со која тој го создаде своето лозје. Светителите се Црквата. Колку зло предизвикуваат изопачените во Црквата, толку подобро прават во неа светците. За изопачените апостол Иван вели дека се антихрист дека се меѓу нас, но не беа од нас. За светците Словото Божјо зборува како за светлина, оние кои стојат пред престолот Божји со восхитување”. Денес да побараме од Господ да се почувствуваме грешници, но вистински грешници, не неодредени грешници, туку конкретни и убедени во нашиот грев. Да побараме благодат да не се изопачуваме: грешници сме, но не сме изопачени! Да бараме благодат за да одиме по патот на светоста! Амин!” (го*ко)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<