Папата на Ангел Господов: Не смее да се губи време, туку нека се навестува Божјото Слово

Ватикан, 7.7.2013 /к.мк/ – Исус во апостолско мисионерското делување сака да ги вклучи не само апостолите, туку сите христијани, а најмногу свештениците, монасите и монахињите – рече папата Фрањо во својот говор, истакнувајќи дека вчера и денес се сретна со семиниристи, искушеници и искушенички. Младите ги повика да не се плашат да се впуштат во тоа мисионерско делување од кое произлегува радост и им се довери дека и тој се подготвува за Светскиот ден на млади на крајот од месецот во Рио. На верниците им ја препорача енцикликата Светло на верата, која е објавена пред некој ден.

Исус освен дванаесете апостоли, кои денес ги претставуваат епископите, испрати и 72 други ученици, а тоа се свештениците, монасите, монахињите и лаиците, за да го навестуваат царството Божјо. Исус не сакал сам да делува – рече Папата и додаде дека Исус ја донесе Божјата љубов во светот и сака да ја прошири во стилот на заедништво и братство. Врв на сето тоа не е дружење, туку навестување на Царството Божјо. Не смее да се губи време, туку да се навестува Божјото Слово и да се пренесува Христовиот мир меѓу луѓето. Ако не го примаат не треба да се застане и да се инсистира, туку да се оди напред. На болните да и се донесува оздравување, бидејќи Бог сака да го излечи човекот од сите зла – рече Папата и истакна дека тоа го прават бројни мисионери. Тие цел живот, ги оздравуваат и ги тешат луѓето на периферијата на светот. Објасни дека 72 ученици, кои ги испратил пред себе претставува ракополагање на служители, презвитери, ѓакони и сите други служители во Црквата, а во поширока смисла тоа се вероучители, верници – лаици, кои делуваат во парохиските мисии, кои работат со болни, сиромашни и напуштени, додека епископите ги претставуваат апостолите. Папата истакна дека 72 се вратија радосни, бидејќи ја искусиле силата на Христовото име против злото. Исус ги предупреди дека не треба да се радуваат, што успеале да го совладат демонот, туку заради тоа што нивните имиња се запишани на небесата. Не смееме да се фалиме како ние да сме протагонистите. Протагонист е Господ со својата благодат, истакна Папата. (Д.И.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

Your e-mail address will not be published.
Required fields are marked*