КРСТНИОТ ПАТ НА НАШАТА ЦРКВА: На патот на разединување

2. На патот на разединување

Историјата на Црквата е веќе запишана 21 столетие. Благодарни сме му на Бог зашто без наши заслуги нè повика во заедништво на една света, католичка и апостолска Црква. Не можеме а да не забележиме дека историјата на Црквата, за жал, не секогаш е нагорна и рамна линија, туку често е искривена линија преку историјата на човештвото. Веќе на самите почетоци на линијата Ерусалим, Атина, Рим се покажало „човековото лице на Црквата“. Преносителите, навестителите на Божјото Слово во најдобрата намера на прилагодување на времето и менталитетот кон оние на кои им ја донеле Радосната вест поради човечките слабости не успевале секогаш да ја всадат до крај и милосната димензија на вистинската сила на тие зборови кои ги навестувале. Така, веќе во раното христијанство настанале искривени толкувања против кои самиот апостол Павле се бори, а пред сè св. Иван во чудесната книга Откровение. Да се потсетиме на неговите тврди зборови „упатени на седумте цркви“. Првата генерација после апостолите веќе ја почувствувала опасноста од разединување. Маченичката крв во првите христијански векови ја држала на едно место младата Црква, па така Тертулијан можел да запише: Дека крвта на мачениците е семе на христијаните.

Оваа година се сеќаваме на еден голем датум кој се одбележува во христијанскиот свет – на 1700 годишнината од т.н. Милански едикт. Со тој чин на големиот цар Константин, христијанството престанало да биде скришна и прогонувана Црква, туку во 313 година била означена со сите верски обележја на тогашното време според принципот „верувај како што срцето ти вели“. Со тој правен чин на христијанството му е дадена јавност во општеството и по прв пат е прокламирана слобода на совеста и слобода на вероисповедта. Кога младата Црква се нашла на слобода и се обидела да се препознае на сите подрачја на Царството веднаш се забележало дека постојат евидентни разлики во учењето и во верувањето на поедини месни цркви. Самиот цар Константин ја забележува таа опасност па го свикува првиот екуменски Собор во Никеја во 325 година. Од тогаш па натаму црковните Отци често се собираат на екуменски Собори за верно да ја чуваат неподеленоста на Евангелието и светото заедништво на Христовото тело – Црквата. И денес го исповедаме Никејско – Цариградското верување како неразделив Знак и символ на верата кој длабоко однатре не поврзува многу повеќе отколку што сме свесни. Во човечките слабости понекогаш повеќе се соочуваат разликите отколку единството, па така историјата на одот на Божјиот народ станала историја на одот во „разни насоки“. Додека св. Августин имал храброст Црквата да ја дефинира како Societas Perfecta – совршено општество, неколку столетија после него посебно со појавата на исламот, Црквите од Исток и Запад повеќе не се препознавале како едно. После осум општи собори до денес повеќе не се сретнале за да ги препознаат своите корени кои им се исти и што е она што би требало да се гледа, а можеби и да се верува поинаку и да се воспостави тоа единство за кое Христос моли на последната вечера. Светиот Дух е постојано присутен во Црквата и затоа Христовото тело е неделиво. Вториот Ватикански Собор храбро ќе признае дека обидот на разединување е дело на луѓето. Јасно е, дека е невозможно сега во ова наше размислување да се влегува во секој детаљ од историјата, а уште помалку смееме да повикуваме и да бараме „вина и виновник“. Не е намерата на ова послание да ни ја претстави целокупната и многу комплицирана испреплетеност на историските, културните и многу други фактори кои го предизвикале фактот дека на нашите простори и во нашиот народ и во наше време, за жал, Црквата не е една.

Во 2009 година нашата мала но вредна црковна заедница свечено ја одбележа 150 годишнината од како Македонците од јужните делови на Македонија од Солун, Кукуш, Сер, Ениџе – Вардар (Пазар), Гевгелија… го официјализираа враќањето во единство на црковно поле со Римскиот епископ. Овој важен настан е познат како Кукушка унија. Таа се случила во 1859 година.

Така, благодарејќи на Божјата провидност никнува заедништвото со една света, католичка и апостолска Црква со единствена желба почитувајќи ја слободата на совеста да можат слободно да дејствуваат во заедништво со Сеопштата Црква живеејќи го единството, а почитувајќи ја различитоста. (продолжува)

Категорија: Македонија

За авторот

Write a Comment

<