Војната е самоубиство за човештвото, ја убива љубовта

Ватикан, 2.6.2013 /к.мк/ – „Војната е самоубиство за човештвото, бидејќи го убива срцето и љубовта“, ова го кажа папата Фрањо за време на Литургијата која ја служеше во недела 2 јуни во капелата на домот Света Марта. На светата Литургија присуствуваа околу 80 верници, меѓу кои 55 роднини на 24 загинати италијански војници во мировни мисии во последните неколку години. Заедно со нив беа и 13 ранети војници со нивните блиски роднини.

На 2 јуни Католичката црква го прославува празникот Тело и Крв Христови, а Италија празникот на Републиката, кое совпаѓање го истакна папата Фрањо поздравувајќи го монсињор Винченцо Пелви, воен капелан за Италија, кој служеше заедно со Папата. Светиот Отец овој ден го нарече „многу важен за државата која ја изразува својата љубов и долг кон војската”.

„Господ ги услишува молитвите на сите” – рече Папата во својата проповед. Неговата молитва не е за „непознати”, туку за „сите и за секој”. „Нашиот Бог е Бог на големите и малите“; Тој лично „ги слуша сите со срцето“ и „ги сака од срце”:

„Денес сме тука за да се помолиме за нашите починати, за ранетите и за жртвите на лудоста, наречена војна! – истакна папата Фрањо. Тоа е самоубиство за човештвото, бидејќи се убива срцето, кое е место за Христовото порака: ја убива љубовта! Бидејќи војната е плод на омразата, на зависта и желбата за власт”.

Исто така и во нашата историја, констатира папата Бергољо, „многу пати сме сведоци дека за решавање на локалните и економските проблеми и кризи земските моќници сакаат војна”. „Зошто? Бидејќи за нив парите се поважни од луѓето! Војната е чин на верата во парите и идолите на омразата кои поттикнуваат на убиство на својот брат, која води до убиството на љубовта”.

Папата потсети на зборовите кои Бог ги упати на Каин, кој својот роден брат го уби од завист: „Каин, каде е твојот брат?” „Денес повторно го слушаме тој глас: тоа е гласот на нашиот Бог Отец, кој плаче поради ова наше лудило и се свртува кон сите нас:” Каде е твојот брат? Тој повикува до сите земски моќници на земјата: „Каде е вашиот брат? Што направивте?”

Поради тоа папата Фрањо повика од Господ да бараме „да нè оддалечи од злото” при што ја упати следната молитва:

„Сврти се кон нас Господи и имај милост, бидејќи сме тажни и вознемирени. Погледни на нашата сиромаштија и страдање и прости ни ги гревовите, бидејќи секоја војна е поттикната од гревот: гревот на идолопоклонство, гревот на експлоатација на луѓето пред олтарот на власта. Сврти се кон нас Господи и имај милост, бидејќи сме тажни и вознемирени. Погледни на нашата сиромаштија и страдање. Сигурни сме дека Господ ќе не слушне и ќе ни го подари духот на утехата.“

На крајот од светата Литургијата папата Фрањо упати „Молитва за Италија“, составена од папата Иван Павле ІІ. (го*ко)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

Your e-mail address will not be published.
Required fields are marked*