Давањето десеток има свои корени во Стариот Завет. Сепак, Католичката црква не одредува десеток, туку го остава приносот на дарежливоста, совеста и можностите на верниците.
Десетокот постоел и во световниот живот. Уште во античко римско време тој бил данок што се наплатувал во замена за одредена придобивка, како правото на водење бизнис или користење земјиште. Но неговата историја е многу постара, бидејќи се појавува уште во Стариот Завет.
Тогаш, што значи десетокот во Католичката црква денес?
Потеклото на десетокот
Десетокот означувал една десетина од жетвата или од првите плодови што му се принесувале на Бога. Можеби бил воспоставен и како симболична поврзаност со Десетте Божји заповеди. Според Мојсеевиот закон, десетокот бил задолжителен.
Самиот збор „десеток“ означува десетина од приносот од полињата и добитокот. Важно е да се нагласи дека тоа се однесувало на производи, како масло, жито, вино и други земјоделски плодови, а не на пари.
Строго кажано, десетокот не бил паричен прилог даден на Бога или наменет за Негова служба. Тој се давал во натура, односно во плодови и производи. За тоа сведочат повеќе библиски места, како Левит 27,30-32 и Малахија 3,8-10. Дури и во времето на Ездра се споменува десеток од жито и овошје.
Првото спомнување на десетокот во Библијата се наоѓа во расказот за Аврам, подоцна Авраам, кој од благодарност му дал десеток на свештеникот Мелхиседек (Битие 14,20).
Свештениците од племето Леви
Подоцна десетокот бил воспоставен за издржување на свештениците од племето Леви. Кога Бог ги довел Израелците во Ветената земја, земјата била поделена меѓу единаесетте племиња. Племето Леви, пак, било одредено да се посвети на службата во богослужението на Господ, па останатите племиња требало да даваат десеток за поддршка на еврејското свештенство.
Затоа десетокот бил средство за издршка на племето Леви, кое не добило наследство во земјата. Бидејќи неговите членови служеле во Шаторот на средбата, тие не добиле сопствена земја при поделбата на Ханаан (сп. 2. Летописи 31,5-19).
Во Книгата Броеви читаме: „А еве, јас им ги дадов на синовите Левиеви сите десетоци во Израилот како наследство за службата нивна, што ја вршат во скинијата на собранието“ (Броеви 18,21).
Левитите добивале десетина од приносите на другите израелски племиња. Десетокот не служел само за одржување на богослужението, туку и за дела на милосрдие, особено за помош на оние што биле во потреба (сп. Второзаконие 26,12-13).
Така, во Книгата Левит десетокот е претставен како принос за храмот, во Книгата Броеви како данок наменет за левитите, а во Книгата Второзаконие како радосна гозба пред Господ. На секои три години тој се користел и за помош на сиромашните и на оние што немале сопствена издршка.
Што вели Новиот Завет?
Во Новиот Завет повеќе не постои обврска за давање десеток во старозаветна смисла, бидејќи повеќе не постои потреба да се одржува еврејското свештенство на истиот начин.
Затоа во Евангелијата темата за десетокот речиси не се појавува, ниту во Исусовото учење, ниту во проповедите на апостолите. Ниту Исус, ниту апостолите не заповедале задолжителен десеток за христијаните.
Во Црквата, десетокот повеќе не се бара како законска обврска. Наместо тоа, се поттикнува слободното и дарежливо давање. Исус ги потсетува своите ученици дека „работникот ја заслужува својата плата“ (Лука 10,7), а свети Павле учи дека оние што го проповедаат Евангелието треба да живеат од Евангелието (сп. 1. Коринтјаните 9,13-14; 1. Тимотеј 5,18).
Во Новиот Завет нема место што им заповеда на христијаните да даваат десеток како задолжителни 10 проценти.
Исто така, во Делата на светите Апостоли, каде што се опишуваат првите години од животот на Црквата, зборот „десеток“ не се појавува. Наместо тоа, гледаме примери на верници што доброволно даваат од своето, според потребите на заедницата, но тоа не се нарекува десеток.
Свети Павле јасно учи дека христијанинот треба да дава според своите можности и тоа доброволно, од срце. Давањето не е наметнат данок, туку плод на верата, љубовта и одговорноста за Црквата.
Во Новиот Завет зборот „десеток“ се појавува само неколку пати, најчесто во контекст на книжниците и фарисеите, кои Исус ги критикува затоа што се држат до надворешното исполнување на законот, а ги занемаруваат правдата, милосрдието и верата (сп. Лука 18,12-14; Матеј 23,23; Лука 11,42).
Затоа треба да биде јасно: раната Црква не се издржувала преку задолжителен десеток.
Поддржете ја Црквата според вашите можности
Католичката црква денес не бара десеток во старозаветна смисла, ниту како задолжителен данок од 10 проценти. Наместо тоа, Црквата зборува за заедничка одговорност на верниците.
Станува збор за доброволен прилог што произлегува од верата и служи за покривање на материјалните потреби на црковната заедница.
Петтата црковна заповед потсетува дека верниците имаат обврска да ја помагаат Црквата во нејзините материјални потреби, но секој треба да го прави тоа според своите можности.
Кодексот на канонското право вели: „Црквата има вродено право да бара од верниците она што е потребно за да ги постигне своите сопствени цели“ (кан. 1260).
Ниту еден официјален црковен документ не пропишува обврска за десеток сфатен како 10 проценти од платата, ниту дневно, ниту месечно, ниту во редовни интервали.
Сепак, Црквата не ги ослободува верниците од моралната обврска да ја поддржуваат. Таа обврска произлегува од правдата, а не само од милосрдието. Христијанинот треба да дава според своите можности, подражавајќи Го Христос и од љубов кон Него.
Затоа Црквата учи: „Верниците се должни да се грижат за потребите на Црквата, за таа да има средства потребни за богослужение, за делата на апостолатот и добротворноста, како и за соодветна издршка на црковните служители“ (кан. 222).
Повикувајќи се на учењето на свети Павле, Црквата нè потсетува дека сме должни великодушно да ги помагаме нејзините потреби, секој според своите можности.
Но начинот на кој оваа обврска се исполнува не е утврден со еден единствен и универзален закон што би важел еднакво за целата Црква.
Затоа, за католиците, суштината не е во задолжителен процент, туку во совесна, слободна и дарежлива поддршка на Црквата, според личните можности и од љубов кон Бога и заедницата.
Алетеја/к.мк

