Што е потребно да се носи на гробишта на задушница?

Што е потребно да се носи на гробишта на задушница?

Месопусната сабота Црквата ја посветува на сите оние кои починале и на овој ден на посебен начин се сеќава на нив во молитвите. Во своите богослужбени текстови секојдневно покрај тоа што ги спомнува во молитвите живите, ги спомнува и оние кои заминале од овој свет. Така Црквата Христова како мајка, своите чеда ги придружува молитвено за време на целиот живот, но и кога ќе заминат од овој свет, молејќи за упокојување на нивните души и ги спомнува сите оние кои починале со надеж за Воскресение и вечен живот. Црквата отсекогаш, уште од апостолско време принесува молитви за своите починати верни чеда.

Принесувајќи секојдневно молитви за нив, Светата Црква ги охрабрува сите верници, не само на задушница, туку и секој ден да се молат за душите на покојните, посебно за своите роднини и блиски. И оние ливчиња со имињата на покојните кои ги давате на свештеникот да ги спомне за време на молитвата на гробот, добро е постојано да се со вас и секој ден во вашите молитви да ги спомнете.

Како на проскомидијата, така и за време на светата Литургија Црквата ги спомнува починатите, но и покрај тоа воспостави и посебни денови во кои молитвено се сеќаваме на нашите починати. Па така Црквата познава задушница која е на Месопусна сабота, односно пред почетокот на Великиот пост, потоа задушница пред Педесетница и задушна саботата пред празникот свети великомаченик Димитриј.

Најважно е на гробиштата со себе да понесеме молитвен став и да бидеме свесни дека гробиштата се свето место, место на воскресение. И секако да молиме за душите на починатите. Без молитва одењето на гробишта е промашено. Не носиме никакви јадења и пиења. Човекот верник ја слуша Црквата и за задушница на гробот носи пченица, која нѐ потсетува на Христовите зборови: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод (Иван 12,24). Црвеното вино, со кое свештеникот го истура во житото, ја означува Божјата милост со која се лекуваат раните на гревот. Свеќата е симбол на Христовата светлина. Христос рече: „Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот (Лука 8,12). Покрај тоа, свеќата ја симболизира нашата жртва и принесување на Бога за душите на оние што се починале во Господ.

Сѐ друго што ќе понесете на гробишта нема некоја посебна корист за душите на починатите. Секако можеби сега во вас се појавува прашањето поврзано за раздавањето. Добро е да се раздава и да се прави дело на милосрдие кон сиромашните, но тоа да не биде само ритуално, како што е моментално вообичаената пракса „на ти го – дај ми го“! Доколку навистина сакате да направите телесно дело на милосрдието и да раздадете за душата на вашиот покоен, тогаш сторете го тоа на вистински начин, како што нѐ почува Исус во Евангелието за Месопусна недела: Гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене. Не давајте на оние кои не се гладни и не се жедни, кои се облечени и дотерани, здрави…, туку најдете некој кој има потреба и помогнете му, ако пак не познавате тогаш дарувајте во вашата парохија, тие сигурно познаваат некои кои се со материјална потреба.

Замислете дека сте ученик и случајно сте ги дознале прашањата за завршниот испит. Ќе се сметате за среќен и совршено ќе ги научите одговорите. А ние христијаните пак за нашиот животот веќе ги имаме добиено задачите, прашањата и одговорите: Гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“. Нашиот завршен испит се токму делата на милосрдие, оние дела преку кои Бог гледа дали навистина го сакаме, служејќи му во нашите браќа и сестри.

го*ко

Категорија: Колумни

За авторот