Црковна статистика: За првпат во последните пет години порасна вкупниот број свештеници

Црковна статистика: За првпат во последните пет години порасна вкупниот број свештеници

Позитивниот вкупен биланс е резултат на зголемувањето на бројот на свештеници во Африка (+1.676), Азија (+1.065) и Америка (+199), со што е надоместено намалувањето во Европа (-2.483) и Океанија (-32).

Агенцијата „Фидес“ на Папските мисионерски дела објави извештај со статистички податоци за Католичката црква по повод 100. Светски ден на мисиите, кој се одбележа во недела, 18 октомври 2026 година, под мотото „Едно во Христос, обединети во мисијата“.

Во извештајот, подготвен од Лука Маинолди, се собрани и анализирани податоци од најновото издание на Статистичкиот годишник на Католичката црква, објавен во 2026 година, кои се однесуваат на присуството на католиците, пасторалните структури, како и образовните, здравствените и социјалните установи. Податоците за населението, крстените и католиците се однесуваат на состојбата до 30 јуни 2024 година, додека останатите податоци се однесуваат на состојбата до 31 декември истата година. Промените се прикажани во споредба со претходниот извештај, кој се однесуваше на 2023 година.

До 30 јуни 2024 година, според податоците од годишникот, во светот живееле 7.995.573.000 луѓе. Бројот на католици изнесувал 1.422.144.000, односно 16.690.000 повеќе во споредба со 2023 година. Тие сочинуваат 17,8 проценти од вкупното светско население.

Пораст на бројот на крстени католици е забележан на сите континенти. Најголемо зголемување е регистрирано во Африка, со 7.580.000 нови католици, по што следуваат Америка (+6.992.000), Азија (+968.000), Европа (+911.000) и Океанија (+239.000). Во Европа продолжил растот забележан уште во претходниот извештај.

Америка, која во документот се разгледува заедно како Северна и Јужна Америка, и понатаму е континентот со најголем број католици: 678.869.000, што претставува 64 проценти од нејзиното население. Во Африка има 288.312.000 католици, што е повеќе отколку во Европа, каде што нивниот број изнесува 287.240.000. Следуваат Азија со 156.166.000 католици и Океанија со 11.557.000. Уделот на католиците во населението на одделните континенти изнесува 19,9 проценти во Африка, 39,7 проценти во Европа, 3,3 проценти во Азија и 25,9 проценти во Океанија.

Според извештајот, за првпат во последните пет години повторно е забележан пораст на вкупниот број свештеници. Нивниот број изнесува 407.421, односно 425 повеќе отколку во претходниот извештај. Позитивниот вкупен биланс е резултат на зголемувањето на бројот на свештеници во Африка (+1.676), Азија (+1.065) и Америка (+199), со што е надоместено намалувањето во Европа (-2.483) и Океанија (-32). Во Америка, по падот забележан претходната година, повторно е регистриран раст.

Бројот на диоцезански свештеници достигнал 279.238 (+496), додека бројот на редовнички свештеници се намалил на 128.183 (-71). И покрај благиот вкупен пораст на бројот на свештеници, се зголемил просечниот број католици на еден свештеник и сега изнесува 3.491, односно 38 верници повеќе отколку во претходниот извештај. Овој однос се зголемува во Америка, Европа и Океанија, а се намалува во Африка и Азија.

Бројот на бискупи изнесува 5.525, односно 95 повеќе отколку во претходниот извештај. Од нив, 4.365 се диоцезански, а 1.160 монаси бискупи. Продолжува и порастот на бројот на постојани ѓакони, кои сега се 52.102 (+669), главно благодарение на зголемувањето во Америка (+424) и Европа (+236).

Во светот има 580.131 монахињи, што е за 9.292 помалку во споредба со претходната година. Африка е единствениот континент каде што е забележан пораст на нивниот број (+2.190). Намалување е регистрирано во Европа (-6.473), Америка (-4.432), Азија (-320) и Океанија (-257). Бројот на монаси кои не се свештеници изнесува 48.511 (-237). Нивниот број се зголемува во Африка и Азија, а се намалува на останатите континенти.

Се намалува и бројот на диоцезански и монашки богослови. Од 106.495, колку што биле во претходниот извештај, бројот се намалил на 103.604, односно за 2.891. Пораст е забележан само во Африка (+786), каде што има 35.710 богослови. Најголемо намалување е регистрирано во Азија (-2.733), а потоа во Европа (-701), Америка (-227) и Океанија (-16).

Бројот на семинаристи во малите семинарии се намалил на 94.041 (-980). Нивниот број се зголемува во Африка (+132) и Океанија (+20), додека се намалува во Европа (-872), Азија (-182) и Америка (-78).

Извештајот бележи пораст на бројот на мисионери лаици, кои сега се 463.079, односно 18.473 повеќе од претходната година. Најголем пораст е забележан во Америка (+20.492), а зголемување има и во Африка и Океанија, додека нивниот број е намален во Азија и Европа.

Бројот на катехисти достигнал 2.889.336 (+22.370). Најголем пораст е забележан во Америка (+16.515) и Азија (+13.616), а зголемување е регистрирано и во Океанија (+48). Од друга страна, бројот на катехисти се намалил во Европа (-7.603) и, во помала мера, во Африка (-206).

Во светот постојат 3.047 црковни единици, шест повеќе отколку во претходниот извештај. Забележани се вкупно 111.602 мисии: во 4.187 од нив постојано престојува свештеник, додека 107.415 се без свештеник. Во споредба со претходната година, се зголемил бројот на мисии со свештеник (+987), а се намалил бројот на оние без свештеник (-12.162).

Во областа на образованието, католичките установи и организации поддржуваат 75.448 детски градинки, кои ги посетуваат 7.480.373 деца; 103.666 основни училишта со 36.314.935 ученици и 51.810 средни училишта со 20.340.808 ученици. Во повисоките образовни установи има 2.685.027 ученици и студенти, а на високообразовните институции поврзани со Католичката црква студираат 4.091.087 лица.

Во споредба со претходното истражување, се зголемил бројот на детски градинки, но се намалил бројот на деца што ги посетуваат. Од друга страна, пораснал бројот на основни училишта и на нивните ученици. Во средното образование се намалиле и бројот на установи и бројот на ученици. Африка има најголем број ученици во католичките основни училишта, со вкупно 21.292.853 запишани ученици.

Понатаму, во светот постојат вкупно 101.110 здравствени, добротворни и социјални установи. Меѓу нив има 5.397 болници, 13.646 амбуланти, 468 установи за лица заболени од лепра, 16.263 домови за стари лица, хронично болни и лица со попреченост, 8.138 сиропиталишта, 10.352 јасли, 10.624 брачни советувалишта, 3.194 центри за социјално образование или ресоцијализација и 33.028 установи од други видови.

Африка има најголем број болници и амбуланти, додека Европа има најголем број домови за стари лица, хронично болни и лица со попреченост. Станува збор за широка мрежа која, покрај пасторалните структури, обезбедува и секојдневно присуство на Црквата во областа на образованието, здравствената грижа и социјалната помош.

Битно нетк.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот