Папата Лав XIV за време на своето патување во Франција ќе го посети седиштето на УНЕСКО, социјалниот и интеграциски центар во Париз, како и ходчесничката служба Accueil Notre-Dame во Лурд. Предвидени се и два настани во Мец. Патувањето ќе се одржи од 25 до 28 септември 2026 година, а планирана е и приватна средба со жртви на злоупотреба.
Канцеларијата за печат ја објави програмата за четиридневното апостолско патување на папата Лав XIV во Франција, кое ќе се одржи од 25 до 28 септември 2026 година.
Станици на патувањето ќе бидат Париз, Сен Дени во близина на Париз, Лурд и Мец, родното место и спомен-местото поврзано со Роберт Шуман, еден од основачите на Европската Унија.
Првиот ден во Париз
Според програмата, во петок, 25 септември, Папата ќе биде официјално пречекан по пристигнувањето во Париз во 10:00 часот. Потоа ќе се сретне со францускиот претседател во Елисејската палата.
Во 11:45 часот, во истата палата, Светиот Отец ќе се обрати пред претставници на државните институции, граѓанското општество и дипломатскиот кор.
Попладне, во 15:00 часот, ќе го посети седиштето на УНЕСКО, каде што ќе одржи говор.
Потоа, во 17:15 часот, во катедралата Нотр Дам ќе следи Вечерна молитва со епископи, свештеници, ѓакони, монаси, монахињи и семинаристи.
Навечер, во 21:00 часот, Папата ќе учествува на молитвено бдение со млади на стадионот „Стад де Франс“ во Сен Дени.
Социјални и црковни средби
Саботата, 26 септември, ќе започне со социјални и црковни средби во Париз.
Во 9:00 часот наутро, Папата ќе го посети социјалниот и интеграциски центар „Мезон Бахита“. Потоа, во 10:15 часот, во Католичкиот институт во Париз ќе се сретне со членови на Покраинскиот синод, катехумени и новокрстени.
Главниот настан на денот ќе биде светата Литургија, која ќе ја служи во 15:00 часот на Плоштадот Конкорд.
Вечерта папата Лав XIV ќе отпатува за Лурд. По слетувањето на аеродромот Тарб-Лурд-Пиринеј, предвидено за 19:05 часот, тој во 19:40 часот ќе се помоли во Пештерата Масабиел.
Ден во Лурд
Во недела, 27 септември, Папата ќе го помине целиот ден во Лурд.
Денот ќе започне во 9:00 часот со средба со епископите на Француската епископска конференција. Потоа, во 11:00 часот, ќе следи неделна света Литургија во светилиштето и молитвата „Ангел Господов“.
Попладне, во 15:30 часот, Папата ќе се сретне со персоналот и со оние што им помагаат на ходочесниците преку службата Accueil Notre-Dame.
Во 16:45 часот е предвидена приватна посета на монахињите Кармелитјанки.
Денот ќе заврши во 21:00 часот со традиционалната процесија со свеќи и света Бројаница во маријанското светилиште.
Посета на Мец
На последниот ден од патувањето, во понеделник, 28 септември, Папата ќе отпатува за Мец, каде што се очекува да пристигне на аеродромот Мец-Нанси-Лорен во 9:20 часот.
Градот е тесно поврзан со Роберт Шуман, кој пораснал и бил обликуван таму. Токму во Мец се развиле идеалите и принципите што подоцна влијаеле врз големиот проект на Европската Унија. Шуман бил побожен католик, а во тек е процесот за негова беатификација.
Во Мец, папата Лав XIV ќе учествува на меѓурелигиска средба во Конгресниот центар „Шуман“, со почеток во 10:00 часот.
Потоа, во 11:00 часот, ќе следи настан под наслов „Во корените на Европа за мир и единство“, на кој Папата ќе одржи говор.
Во 16:00 часот ќе служи света Литургија во готската катедрала „Свети Стефан“, позната и како La lanterne du Bon Dieu, односно „Фенерот на добриот Господ“, поради приближно 6.500 квадратни метри витражи.
Патувањето ќе заврши со церемонија на збогување и повратен лет за Рим, каде што Папата се очекува да пристигне кратко пред 21:00 часот.
Средба со жртви на злоупотреба
Како што беше објавено заедно со програмата, за време на патувањето е предвидена и приватна средба со жртви на злоупотреба.
„Самите жртви ќе бидат вклучени во подготовката на оваа средба“, се вели во соопштението, без да се наведат дополнителни детали за времето, местото или бројот на учесници.
Овие детали, доколку биде потребно, ќе бидат објавени подоцна.
Средбата, слична на онаа со жртвите за време на патувањето во Шпанија, има особена тежина за Црква која, како и француската, беше потресена од скандалите со злоупотреба и во последните години започна длабоки реформи, како и процес на исправка и репарација.
Радоста на Црквата во Франција
„Пред неколку месеци разговаравме со Папата за првиот нацрт на програмата“, изјави кардиналот Жан-Марк Авелин, надбискуп на Марсеј и претседател на Француската епископска конференција.
„Оттогаш интензивно работевме со тимовите од Ватикан, Француската епископска конференција, Архиепископиите во Париз и Мец и Светилиштето во Лурд, за детално да ја развиеме секоја станица од ова патување. Голема радост е што денес можеме да ја споделиме програмата со цела Франција“, рече тој.
„Сè се подготвува за секој што сака да може да учествува во овој извонреден настан. Практичните детали ќе бидат објавувани постепено“, објасни Беноа Бертран, епископ на Понтоаз.
„Затоа ги покануваме сите луѓе во Франција, без разлика дали се католици или не, верници или не, да го пречекаат папата Лав XIV во Париз, Сен Дени, Лурд или Мец и да го слушнат неговото слово“, додаде тој.
Лого вдахновено од витражи
Канцеларијата за печат го претстави и логото за посетата на Папата, кое во меѓувреме Француската епископска конференција го објави на веб-страницата подготвена за посетата.
На логото е прикажан кружен витраж, кој потсетува на розетите на готските катедрали и ја симболизира убавината на заедништвото и единството во Црквата.
Во центарот, зашилениот лак и крстот ја изразуваат апостолската и литургиската димензија на патувањето.
Гулабот, кој се издигнува во срцето на композицијата, го претставува Светиот Дух и носи маслиново гранче како симбол на мир за целото човештво.
Нијансите на сина, бела и црвена, заедно со жолто-портокаловата светлина и зелената боја на надежта, ги поврзуваат боите на Франција со боите на Ватикан, истовремено нагласувајќи ја духовната димензија на посетата.
Мото на патувањето
Избраното мото на патувањето е: „За светот да има живот“ (сп. Иван 6,51).
Со него се сака да се поканат луѓето „да го препознаат најголемиот дар што Христос Откупителот му го донесе на човештвото“.
Воедно, мотото е повик на надеж и заедништво. Тоа „нè охрабрува да ги надминеме поделбите и да споделуваме мир, помирување и братство едни со други, како знаци на нов живот во светот“, се наведува во соопштението.
Овие зборови го изразуваат и ставот со кој Црквата во Франција го пречекува Папата: „со радост, отвореност и голема желба да сведочи за животот што доаѓа од Бога“.
Ватикан њуз/к.мк

