Црквата во Керала ги повикува ОН да преземат акција против антихристијанското насилство во Индија и Пакистан
Советот на католичките бискупи на Керала апелира до Обединетите нации да преземат решителни чекори за заштита на христијаните во Индија и Пакистан од напади на секташки групи кои зачестија во овие две земји
По неодамнешните напади на христијански домови и цркви во Јаранвал во пакистанската провинција Пенџаб и тековните немири против христијаните во државата Манипур во североисточна Индија, Советот на католичките бискупи на Керала апелира за интервенција на Обединетите нации за да се запре насилството во двете држави.
„Христијаните се повеќе стануваат цел на немири и мафијашки напади во Индија и Пакистан“, се вели во соопштението на советот.
Насилството, кое трае повеќе од три месеци во Манипур, однесе речиси 200 животи и се раселени над 50.000 луѓе. За време на немирите беа забележани повеќе од десетина случаи на злосторства врз жени, што доведе и до палење на стотици цркви и други христијански институции, вклучително и училишта.
Тоа го покажаа и неодамнешните напади врз христијаните во Пакистан, кои, покрај тоа што се дискриминирани, често се жртви на злоупотреба на контроверзните закони за богохулење со кои се казнуваат поединци за наводно навреда на исламот и пророкот.
Христијаните сочинуваат околу 2,3 отсто од 1,4 милијарди жители на Индија, главно Хиндуси, додека во Пакистан со мнозинско муслиманско население, христијаните сочинуваат 1,5 отсто од населението.
Во соопштението, Советот на католичките бискупи на Керала се истакнува дека е упатен апел до Обединетите нации да преземат решителни чекори за заштита на христијаните во Индија и Пакистан.
Апелот е објавен и во пресрет на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на насилство врз основа на верата или уверувањето, кој се одбележува секоја година на 22 август. Овој ден беше воведен со резолуција на Генералното собрание на ОН во 2019 година, како дел од напорите за поддршка на човековите права поврзани со слободата на вероисповед.
Со прогласувањето на овој Меѓународен ден, Генералното собрание на ОН потсети дека државите имаат примарна одговорност да ги промовираат и заштитат човековите права, вклучително и човековите права на припадниците на верските малцинства и нивното право слободно да ја практикуваат својата вера.
Ватикан њуз/к.мк