Пред молитвата Царице небесна, папата Фрањо ги поттикна верниците во тешките моменти да го повикуваат Светиот Дух, читајќи го Евангелието. И се фокусираше на богатството на празникот Педесетница и истакна дека Духот ги поврзува учењата на Исус со секое време и секој човек
Поучувањето и потсетувањето се две делувања на Светиот Дух на кои се осврна папата Фрањо во неговото пладневно обраќање пред молитвата Царице небесна во недела 5 јуни 2022 година. Така прави Духот: нè поучува и потсетува на она што го рекол Христос, бидејќи на тој начин го внесува во нашите срца Исусовото Евангелие – рече Папата.
Поучувањето на Светиот Дух е чин што го обновува искуството на верата и ги премостува далечините. Тој ни помага да ја надминеме бариерата на далечина во искуството на верата. Имено, може да постои сомнеж дека постои голема оддалеченост помеѓу Евангелието и секојдневниот живот, бидејќи Исус живеел пред 2000 години, биле други времиња, други ситуации и затоа Евангелието изгледа застарено, несоодветно да се зборува за нашето денешно време со неговите потреби. и проблеми. Се поставува и прашањето што може да каже евангелието во ерата на интернетот и глобализацијата?
Светиот Дух ни помага да одговориме на овие прашања – истакна Папата – тој е специјалист за премостување далечини, нè учи да ги надминеме. Тој е оној кој ја поврзува Исусовата наука со секое време и секој човек. Светиот Дух не се плаши од минувањето на вековите; напротив, ги прави верниците внимателни кон проблемите и настаните од нивното време. Кога поучува, Светиот Дух актуелизира; ја одржува верата секогаш млада.
Вториот збор е потсетување, односно враќање во срцето; Духот го враќа евангелието во нашите срца. Се чини дека Духот преминува од она што е „чуено“ кон лично познавање на Исус. Така Духот ги менува нашите животи; прави Исусовите мисли да станат наши мисли. И тој го прави тоа потсетувајќи нè на неговите зборови, внесувајќи го, денес, во нашите срца Словото Исусово.
Затоа, според Папата, неопходно е да се обраќаме кон Светиот Дух за да се избегне вера која може да стане заборавна, но и поради тешкотиите во животот. Да внимаваме да не станеме заборавни христијани – предупреди тој. За ова е неопходно да го повикуваме Светиот Дух. Често да го праивме тоа, особено во важни моменти, пред тешки одлуки и во тешки ситуации.
Со оваа свесност, Евангелието станува многу важно средство за повикување на Светиот Дух. Да го земеме Евангелието во раце и да го повикаме Духот. Можеме да кажеме: „Дојди Свети Духу, потсети ме на Исус, просветли го моето срце“. Потоа да го отвориме Евангелието и да прочитаме една одломка. Светиот Дух ќе направи да ни зборува за нашите животи – рече папата Фрањо во своето пладневно обраќање.
Ватикан њуз/к.мк