Христовиот закон на љубовта, го надминува законот на осветата

Христовиот закон на љубовта, го надминува законот на осветата

Злото е „празнина“, а празнината не можеш да ја исполниш со друга празнина, туку само со „полнота“, односно со доброто – рече папата Фрањо во пладневниот наговор на плоштадот Свети Петар на 19 февруари 2017 година.

Светиот Отец размислувајќи литургиското Евангелие (Мт 5, 38-48), кое – според него – на најдобар начин ја изразува „христијанската револуција“. Исус ни го покажува патот на вистинската праведност преку законот на љубовта. Тој закон го надминува законот на осветата, кој бара „око за око, заб за заб,“ односно бара на сторителот да му се нанесе истото зло какво што со своето дело тој предизвикал.

Но, Исус не бара од своите ученици да трпат зло – истакна Папата – туку бара од нив да реагираат, но не со ново зло, туку со доброто. Имено, само така може да се прекине синџирот на злото и навистина да се променат работите. Злото е, во суштина „празнина“, а празнината не можеш да ја исполниш со друга празнина, туку само со „полнота“ односно со доброто. Осветата никогаш не доведува до решавање на конфликтот – рече Светиот Отец.

Според Исус отфрлањето на насилството може понекогаш да вклучува и откажување од легитимното право. Господ ни нуди некои примери: кој ќе те удри по десниот образ, сврти му го и другиот; откажување од својата облека или парите; прифаќање на други жртви. Но, тоа откажување – рече папата Фрањо – не значи дека барањето за правда треба да се игнорира или треба да се биде против него; напротив, христијанската љубов која на посебен начин се покажува во милосрдието, претставува возвишено остварување на правдата. Исус сака да нѐ научи на разликата помеѓу правдата и осветата. Смееме да бараме правда; наша должност е праведно да постапуваме. Но, забрането ни е да се осветуваме или на било кој начин да поттикнуваме на освета како израз на омраза или насилство – рече Папата.

Светиот Отец истакна дека Исус не сака да предложи нов граѓански поредок, туку повеќе заповед на љубовта кон ближниот, која вклучува и љубов кон непријателот. Притоа не се мисли на прифаќање на злото кое го прави непријателот, туку тоа е повик на поголем поглед, на великодушност која е слична на онаа на Небесниот Отец кој „го остава Своето сонце да грее над лошите и добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните“ (ред 45). И непријателот е човечка личност, создаден на образот Божји, иако таа слика е извалкана со недостојно и зло однесување – рече папата Фрањо.

Кога зборуваме за „непријателите“ не смееме да мислиме само на било кои луѓе кои се различни или се далеку од нас – рече Папата и додаде дека тоа се однесува и на нас кои можеме да дојдеме во конфиликт со своите ближни, а понекогаш и со членовите на семејството. Исто така непријатели се оние кои говорат лошо за нас, кои нѐ клеветат и ни прават неправда. А ние сме повикани да им одговориме со доброто кое е вдахнато од љубовта – рече Светиот Отец и ја замоли Блажена Дева Марија да ни помогне да Го следиме Исус на тој тежок пат; да ни помогне да практикуваме трпеливост, дијалог, простување за да станеме познавачи на заедништвото и братството во нашиот секојдневен живот, а посебно во нашето семејство.

По молитвата Ангел Господов, папата Фрањо предупреди на моменталните конфликти во покраината Касаи – Централ во Демократската Република Конго. Папата го изрази своето сочувство со жртвите, посебно со бројните деца кои се одземени од своите семејства и од училиштето за да се користат како војници. „Деца – војници“ – тоа е трагедија,“ рече Светиот Отец. Тој ја изрази својата близина со жртвите и рече дека се моли за нив како и за вработените во црковните институции и хуманитарните организации, кои делуваат во таа област. Тој ги повика властите во Конго и меѓународната заедница да преземат соодветни и навремени одлуки за да им се помогне на сите тие луѓе.

Папата исто така поттикна на молитва за сите оние луѓе кои во другите делови на Африка и светот трпат заради насилството и војната. Тоа на посебен начин се однесува на населението на Пакистан и Ирак, кои изминатите денови претрпеа сурови терористички напади. Папата Фрањо се помоли за сите жртви на насилството: загинати, ранети како и за нивните семејства. „Да молиме ревно,“ повика на крајот Светиот Отец, „за секое срце кое е тврдо заради омразата да се преобрати на мир во согласност со Божјата волја.“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот