Христијанското одење означува внимание, неуморност и храброст

Христијанскиот живот е одење, при кое треба да бидеме внимателни на Божјите знаци, неуморни во тешкотиите и храбри во прифаќањето на средбата со Господ – порача Светиот Отец пред молитвата Ангел Господов на 6 јануари, пред повеќе од педесет илјади верници.

Папата потсети дека на празникот Богојавление се присетуваме на мудреците кои од Исток дошле да Му се поклонат на новородениот Цар и Спасител. Со тоа сведочат дека Исус не дошол за да спаси само еден народ, туку сите луѓе. Затоа денес ја славиме објавата на љубовта и универзалното Божјо спасение – рече папата Фрањо.

Бог својата љубов не ја чува само за неколкумина привилигирани, туку ја нуди на сите. Како што е Создател и Отец на сите така и на сите сака да биде Спасител. Затоа сме повикани „секогаш да негуваме голема надеж“ за секој човек и за неговото спасение. И за оние кои изгледа дека се далеку од Господ ги следи – или „ги прогонува“ – Божјата силна, верна и понизна љубов – рече Папата.

Евангелската приказна за мудреците го опишува нивниот пат како духовен пат, како одење кон средба со Христос. Внимателни се на знаците кои укажуваат на Неговото присуство; неуморни се во соочувањето со потешкотиите во потрагата; храбри се во повлекувањето од последиците кои следуваат од средбата со Господ. Така оди христијанинот: внимателен, неуморен и храбар – нагласи Папата и продолжи:

Искуството на мудреците потсетува на одењето на секој човек кон Христос. Како мудреците, да го бараме Бог и за нас значи да одиме со поглед насочен кон небото, гледајќи Го во видливиот знак – ѕвездите – невидливиот Бог кој прозборува на нашето срце – истакна Светиот Отец.

Ѕвездата пак која секој човек го води до Исус е Словото Божјо: тоа е светлината која го насочува нашето одење, ја храни и обновува нашата вера. Затоа да не заборавиме да го читаме и размислуваме секој ден, за секого од нас да стане внатрешен пламен кој ги осветлува нашите чекори, но и чекорите на оние кои одат со нас; кои можеби се борат да го пронајдат патот кон Христос; но секогаш со Божјото Слово – рече папата Фрањо, поттикнувајќи – како многу пати порано – со себе да го носиме Евангелието и редовно да го читаме.

Папата се сети и на источните христијани – католици и православни – кои утре ќе го слават Божиќ и од срце им го честита Рождеството Господово. Освен тоа, потсети дека денес се слави и Светскиот ден на светото детство: спомен на децата кои со радост го живеат дарот на верата и молат за Исусовото светло да стигне до сите мали во светот. Папата Фрањо затоа ги поттикна воспитувачите во децата да го поддржуваат мисионерскиот дух да бидат отворени и нивното срце да оди кон хоризонтите со цел да станат сведоци на Божјата благост и навестители на Неговата љубов.

По молитвата Ангел Господов Папата ги поздрави собраните ходочасници, ги потсети уште еднаш на трите обележја на христијанското одење – внимание, неуморност и храброст, но секогаш со Божјото Слово со себе – и ги отпушти со својот вообичаен поздрав.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот