Како одговор на полемиките кои во последните денови се појавија поврзани со зборовите на папата Фрањо, во соопштение од Светиот Престол се наведуваат „бројните“ интервенции на Папата поврзани со војната, и се потсетува дека тој секогаш ја осудувал руската агресија како „морално неоправдана, неприфатлива, варварска, бесмислена, одвратна и светогрдна.“
Папата зборува како пастир кој го брани секој човечки живот, а не како политичар: тоа е правилното читање на неговите многубројни изјави во врска со војната во Украина. Тоа се наведува во соопштението од Светиот Престол, објавено една недела по обраќањето на папата Фрањо на Генералната аудиенција во средата на 24 август 2022 година и неговото спомнување на атентатот во Русија, во кој животот го загуби ќерката на рускиот политички аналитичар Александар Дугин. Тоа се зборови кои предизвикаа контроверзни реакции на политичко и институционално ниво во Украина.
„Во контекст на војната во Украина“, стои во соопштението од Светиот Престол, „Светиот Отец и неговите соработници, имаа бројни интервенции во тој поглед. Во најголем дел, тие имаа за цел да ги повикаат пастирите и верниците на молитва, а сите луѓе со добра волја на солидарност и настојување за обнова на мирот.“
„Во повеќе наврати, како и во последните денови, во јавноста се водеа расправи за политичкото значење кое треба да им се препише на таквите интервенции. Во таа смисла се повторува дека зборовите на Светиот Отец за тоа драматично прашање треба да се читаат како глас подигнат во одбрана на човечкиот живот и вредностите кои со него се поврзани, а не како политички ставови.“
„Што се однесува до војната од големи размери во Украина, која ја покрена Руската Федерација“, се заклучува во соопштението Светиот Престол, „изјавите на Светиот Отец папата Фрањо се јасни и недвосмислени во осудата како морално неоправдана, неприфатлива, варварска, бесмислена, одвратна и светогрдна.“
Ватикан њуз/к.мк