Технологија во служба на развојот, трудот и екологијата
„Светските лидери се повикани кон предизвикот да гарантираат дека влијанието на роботиката и научните иновации нема да доведат до уништување на човечката личност – т.е. да биде заменета со една машина без душа – или до претворање на нашата планета во празна градина за задоволство на малкумина избрани“.
Човекот „треба да го води технолошкиот развој без да биде доминиран од него. Технологијата да биде во служба на развојот, трудот и животната средина“. Ова е апелот на папата Фрањо, содржан во неговата порака упатена преку кардиналот Питер Турксон, претседател на Папскиот совет „Правда и мир“ до Клаус Шуаб, основач и извршен претседател на Светскиот економски форум, кој се одржува од 20 до 23 јануари во Давос, Швајцарија на тема „Искористување на четвртата индустриска револуција“.
Папата ги изразува своите „срдечни желби за плоден успех на средбата, која се стреми да ја охрабри континуираната социјална и еколошка одговорност преку конструктивниот дијалог со владините лидери, бизнисот и граѓанското општество, како и со претставниците од политичкиот, финансискиот и културниот свет“.
Папата Фрањо потсетува дека „подемот на т.н. четврта индустриска револуција“ беше проследен со зголемената свест на неизбежноста од драстично намалување на бројот на работните места. Последното истражување спроведено од Меѓународната организација на трудот покажува дека невработеноста во моментов засега стотици милиони луѓе. Финансирањето и технологизирањето на националната и светска економија доведе до длабоки промени во областа на трудот“; згора на тоа – истакнува уште Папата – „намалените можности за ефикасно и достојно вработување, заедно со намалувањето на социјалното осигурување, се причина за сериозен раст на нееднаквоста и сиромаштијата во различни држави“.
Затоа, нагласува Папата, „јасно се издвојува потребата од создавање на нови бизнис модели, кои преку промоција на модерните технологии ќе се во можност да се користат за создавање на пристојна работа за сите, поддршка и зајакнување на социјалните права и заштитата на животната средина“.
Оттука и предупредувањето на Папата: „Човекот треба да го води развојот на технологијата, без да биде доминиран од него“.
Светиот Отец потсетува на говорот пред владејачката класа и дипломатскиот кор во Банги, Централноафриканската Република на 29 ноември 2015, во кој истакна дека „оној кој води достоен живот не треба да се грижи за своите бенефиции, туку треба да им помага на најсиромашните да го развијат својот човечки, културен, економски и социјален потенцијал“.
За папата Фрањо „да се плаче пред трагедиите на другите не значи само учество во нивните страдања, туку, исто така, пред сè и сознание дека нашите сопствени акции се причина за неправдата и нееднаквоста. Кога ќе го сфатиме тоа, ние стануваме похумани, бидејќи одговорноста кон нашите браќа и сестри е суштински дел од нашата заедничка хуманост“.
Оттука и повикот на Папата до учесниците на Светскиот економски форум да не се плашат да го „отворат разумот и срцето за сиромашните“. На тој начин – вели тој – ќе дадете целосна слобода на дејствување на вашите економски и технички способности и ќе ја најдете среќата на еден исполнет живот кој консумизмот по себе не може да ја обезбеди“.
Освен тоа папата Фрањо ги потсетува светските лидери дека „пред длабоките и епохални промени се повикани да гарантираат дека претстојната четврта индустриска револуција, како и ефектите од роботиката и научните и технолошките иновации, нема да доведат да уништувањето на човечката личност, до замена на нејзината душа со една машина без душа, или до претворање на нашата планета во празна градина на задоволство на малкумина избрани“.
Папата ги охрабрува учесниците во Давос „да продолжат со разговорите за градење на иднината на планетата, нашиот заеднички дом, и да вложат заеднички напори за да се обезбеди одржлив и сеопфатен развој“.
РВ/В.Н.