Струмица: Одржана трибина за богородичното светилиште Лурд во Франција

Струмица: Одржана трибина за богородичното светилиште Лурд во Франција

Во сабота 28 октомври 2023 година во парохиската сала на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица со благослов на епископот Стојанов се одржа втората, од серијата трибини за богородичните светилишта во организација на Деканатот Свети Кирил и Методиј при Струмичко – скопската епархија и Радио Марија и во соработка со парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица.

Во исполнетата сала на трибината за богородичното светилиште Лурд во Франција зборуваше м-р Данче Ичева. На почетокот истакна дека Лурд е сместен во подножјето на Пиринеите, а по објавите на Пресвета Богородица на малото девојче Бернадета Собиру, Лурд се развива како богородично светилиште и има околу 5 милиони ходочесници годишно. Во Лурд се пријавени над 100.000 различни оздравувања, од кои Црквата регистрирала околу седум илјади, а признала само 77 чудотворни оздравувања за кои нема медицински објаснувања.

Во продолжение м-р Данче Ичева хронолошки ги претстави осуманесетте објавите на Пресвета Богородица на малото девојче Бернадета Субиру, кои биле од 11 феврури 1858 до 16 јули 1858 година. На трибината присутните беа запознати и со животот на Бернадета Субиру, како и за отворањето на нејзиниот гроб после 30 години од нејзината смрт при што телото било пронајдено нераспаднато. Дел од предавањето посвети и на чудата кои се признати од Црквата, како и за базиликата и бослужните места во Лурд.

По предавањето следуваше интересна дискусија и споделување на искуства од оние кои веќе го посетиле Лурд.

Деканот на деканатот Деканатот Свети Кирил и Методиј при Струмичко – скопската епархија, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов се заблагодари на Данче Ичева за добро подготвеното предавање, како и за организацијата на овие трибини.

Трибината беше збогатена и со музички нумери во изведба на млади од парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ – Струмица под водство на Томе Васиќ, а трибината ја модерираше отец Гоце Костов.

Следната трибина за богородичните светилишта ќе се одржи во недела 12 ноември 2023 година со почеток во 18.00 часот во парохиската сала на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, на која отец Гоце Костов, парох и директор на Радио Марија ќе зборува за светилиштето Гвадалупе во Мексико.

повеќе фотографии на Facebook

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот