Средба на папата Фрањо со францускиот претседател Макрон, во центарот на разговорот, мирот во светот
Францускиот претседател кој пристигна во Рим за да учествува на иницијативата на Заедницата свети Егидиј, „Крик за мир“, папата Фрањо го прими во Апостолската палата, заедно со неговата сопруга Брижит. Утре, францускиот претседател ќе учествува на молитвата со водачите на светските религии во Колосеумот, која ќе ја предводи папата Фрањо.
Денес, папата Фрањо во Апостолската палата во Ватикан го прими во аудиенцијата претседателот на Франција Емануел Макрон, кој потоа се сретна со државниот секретар кардиналот Пиетро Паролин и со надбискупот Пол Ричард Галагер секретар за односи со државите и меѓународни организации.
Педесет и пет минути траеше денешниот разговор на Папата со францускиот претседател, две минути помалку од аудиенцијата на која Светиот Отец го прими на 26 јуни 2018 година. Миграциската криза, решавањето конфликти, ситуацијата на Блискиот Исток и во Африка, како и перспективите за иднината на европскиот проект, се темите кои тогаш беа во фокусот на разговорот.
Тие теми беа во центарот и на денешниот разговор, како што соопштија од Канцеларијата за печат на Светиот Престол. Во текот на срдечниот разговор во Државниот секретаријат се зборувало за меѓународни прашања, започнувајќи од конфликтот во Украина, со посебен осврт на хуманитарната состојба. Посебно внимание е посветено и на подрачјето Кавказ на Блискиот Исток и Африка – стои во соопштението од Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Ватикан њуз/к.мк