Средба во Ватикан за кризата на Блискиот Исток

Кризата во блискоисточниот регион е главната тема на средбата меѓу апостолскиот нунциј во Блискиот Исток и високи раководители на Римската Курија, која се одржува од 2 до 4 октомври во Ватикан. Свикувањето на таква средба беше обелоденето уште во почетокот на август, кога папата Фрањо го испрати својот специјален пратеник кардиналот Фернандо Филони во Ирак.

На средбата учествуваат нунциите во Египет, Израел и Палестина, Јордан и Ирак, Либан, Сирија, Турција, како и претставниците на Светиот Престол во Обединетите Нации во Њујорк, Женева и ЕУ. Од страна на Римската Курија учествуваат државниот секретар на Ватикан кардиналот Пиетро Паролин, секретарот за односи со земјите, монсињор Мамберти и кардиналот Фернандо Филони, префект на Конгрегацијата за евангелизација на народите. Заедно со нив на средбата учествуваат и претставници на Папскиот совет и Конгрегацијата за Источните цркви, за промовирање на христијанското единство, за меѓурелигискиот дијалог, за мигрантите и бегалците и од хуманитарниот институт „Кор Унум“.

„Треба секогаш да се има надеж, бидејќи човештвото не е само од христијани, туку е во Божји раце. Затоа, пред сè, оваа средба ќе биде карактеризирана со молитвата“, изјави апостолскиот нунциј во Дамаск архиепископот Марио Џенари. „Проблемите во Сирија, Ирак, Либан и Јордан се заеднички и кога меѓународната заедница е повикана на акција за да се запре тероризмот, насилството и да се најдат решенија за конфликтите, Црквата застанува на првата линија со своите средства“.

Папскиот претставник во Сирија прецизира дека Црквата треба да ја преземе својата одговорност и со нејзиниот акционен план да го дополни тој на меѓународната заедница: „Црквата не располага со воени оружја, туку нејзиното оружје е духовно, што е многу поефикасно. Како Црква, ние сме повикани да ги користиме мирните средства како молитвата, средбата со луѓето и насочување кон размислување. Сметам дека овој духовен план за акција е многу поефикасен, бидејќи токму од тоа има потреба во овој момент Блискиот Исток“.

Апостолскиот нунциј е оптимист за иднината на Сирија: „Предусловите за враќање на мирниот соживот се добри, бидејќи конфликтот не го наруши добриот соживот меѓу луѓето. Понекогаш дури има индикативни примери меѓу христијани и муслимани, бидејќи постои меѓусебно почитување и почитување на верските лидери. Тоа е добра основа за ново градење и поттик од страна на религиите, особено на монотеистичките кои се родени во овој регион. Сметам дека состанокот во Ватикан ќе го промовира зајакнувањето на овој дијалог, кој има фундаментална улога во разрешувањето на конфликтите“.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот