Со молитвата за покојните даваме пример на генерациите кои доаѓат по нас

Со молитвата за покојните даваме пример на генерациите кои доаѓат по нас

Често пати се прашуваме за симболиката на деновите за спомените на покојните кои ги има во Црквата, како на пример спомен на 3 ден, на 9 ден, 40 ден, но Црквата исто така посветува и задушни саботи во спомен на покојните, па литургиски дури и секоја сабота.

Имено на споменот на 3 ден е потсетување на Христовото Воскресение и живата надеж дека ќе воскресне и душата на покојниот.

На 9 ден се прави спомен со надеж дека душата на покојникот е вклучена во бројот од деветте ангелски хорови.

На 40 ден споменот се прави со надеж дека душата на покојникот е примена во небесните живеалишта.

Но како што кажаваме Црквата исто така посветува одредени денови за спомен на покојните, кои ги нарекуваме задушница или задушни саботи, а ги има пред Великиот пост, пред празникот Духовден и пред празникот на светиот великомаченик Димитриј.

За жал кај нас некако молитвата во заедништво со Црквата за покојниот завршуваат со првата година од смртта на покојниот кога се служи света Литургија и повеќе не се бара од Црквата да се служи свети Литургии за спасение на неговата душата. Исто така Црквата повикува на молитва за покојниот и служење света Литургија на годишнината од смртта, може да се прави исто така и на денот на небесниот заштитник на покојниот. Но треба да знаеме дека света Литургија за душите на покојните може да се побара да се служи и во секое време, посебно на годишнината, не само на првата… Исто така за душите на покојните треба да се молиме постојано, секојдневно затоа што не знаме колку е потребно да молиме за да постигне небесно блаженство.

Затоа Црквата поттикнува на постојана молитва за покојните. Дури и ако душата е веќе спасена, односно е веќе во рајот, вашата молитва нема да биде залудна – затоа што ќе им користи на другите души на кои сè уште им се потребни молитви за да стигнат до вечното блаженство.

Да се потсетиме дека душите на починатите повеќе не можат да се молат за себе и да си помагаат, па затоа ги чекаат нашите молитви и добри дела во нивен спомен за нивно спасение.

Со молитвата за покојните даваме пример на генерациите кои доаѓат по нас, па и тие да ја сфатат важноста на молитвата за покојните и кога ќе заминеме од овој свет тие да се молат за нас. Замислете колку е тажно ако нема кој да се помоли некоја кратка молитва за да бидеме спасени. Замислете на гробовите да ни оставаат разни предмети, цигари, кафиња, кое нема ништо со христијанската вера и традиција и би кажал дека дури е и паганизација на гробовите, и колку е жално да нема кој да се помоли. Нешто слично кога си многу жеден, а си беспомошен имаш потреба некој да ти донесе чаша ладна вода, а наместо тоа некој од твоите блиски ти донесува некој непотребен предмет. Така покојниот има потреба од молитва и добри дела, нема потреба од други алтернативи, затоа што ништо не може да ја надомести таа потреба.

Па така вашето одење на гробишта да не биде ритуал и правење адети, туку време на молитва за вашите покојни.

к.мк/го*ко

Категорија: Вера, Духовност, Колумни
Ознаки задушница

За авторот