Слово за живот, јули 2022

Слово за живот, јули 2022

„Но само едно е потребно.“ (Лк 10,42)

Исус тргнал кон Ерусалим, каде неговото послание наскоро требало да се исполни. Одејќи по патот застанал во едно село, во куќата на Марта и Марија. Евангелистот Лука опишува како тие две сестри на Исус му искажале гостољубивост. Прикажана во традиционалната улога на гостољубива домаќинка, Марта „се беше, пак, зафатила со многу работи“[1], додека Марија „седна при нозете Исусови и го слушаше словото Негово“. (р. 39) На вниманието на Марија се спротиставува вознемиреноста на Марта. На нејзините забелешки дека Марија ја оставила сама да послужува, Исус одговара: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе.”(р. 41-42) Оваа одломка се наоѓа меѓу параболата за милосрдниот Самаријанец, можеби највозвишениот пример на љубов кон ближниот, и Исусовата порака на учениците за молитвата, што сигурно е највозвишен опис во односот со Бог – Отецот. Така ја претставува средината на вагата меѓу љубовта кон братот и љубовта кон Бог.

„Но само едно е потребно.“

Главните ликови од оваа евангелска одломка се две жени. Дијалогот меѓу Исус и Марта покажува пријателски однос, кој ѝ дозволува да му се пожали на Учителот. Но какво служење сака Исус? Нему му е важно Марта да не се заморува, да ја напушти традиционалната улога доделена на жените и да го слуша Неговото Слово како Марија, која ја презема новата улога, улога на ученичка. Често се толкува дека пораката на овој текст е противречноста на активниот и контемплативниот живот, како два различни верски пристапи. Но, и Марта и Марија го сакаат Исус и сакаат да му служат. Во Евангелието не пишува дека молитвите и слушањето на словото на Бог се поважни од делотворната љубов, туку дека е потребно да се пронајде начин како нераскинливо да се поврзат тие две љубови. Љубовта кон Бог и љубовта кон ближниот не се спротиставени, туку тие се надополнуваат затоа што Љубовта е една.

„Но само едно е потребно.“

Останува добро да разбереме што е единствено потребно. Во тоа може да ни помогне почетокот на реченицата: „Марта, Марта…“ (р.41) Повторувањето на името може да делува како најава на прекор, но всушност тоа е вистински модус на „повикот – звање“. Се чини дека Исус ја повикува Марта на нов однос. Тоа не е однос на слуга, туку на пријател кој со Него влегува во длабок однос. Кјара Лубик пишува: „Исус ја искористил оваа прилика за да објасни што е најпотребно во животот на човекот. […] Да се слуша Исусовото Слово. А за Лука, кој ја пишува оваа одломка, да се слуша Словото значи тоа да се живее. […] Тоа е она што и ти мораш да го направиш: да го прифатиш Словото и да дозволиш да се изврши преобразба во тебе. И не само тоа. Остани му верен на Словото, чувај го во своето срце за да ти го обликува животот, како што земјата во себе содржи семе за да никне и донесе плод. Затоа донеси ги плодовите на новиот живот, резултатите на Словото.”[2]

„Но само едно е потребно.“

Кој знае колку пати и ние имаме прилика да го примиме Учителот во интимата на нашиот дом, токму како Марта и Марија, да седнеме до Неговите нозе и да го слушаме како вистински ученици. Често нѐ растресуваат неволји, болести, обврски, но и радости и задоволства, па во тој вртлог од обврски ни недостасува време да застанеме, да го препознаеме Господ и да го слушаме.

Ова Слово е драгоцена прилика да се вежбаме во изборот на најдоброто дело т.е. слушање на Неговото Слово, за да можеме да стекнеме внатрешна слобода. Таа потоа ќе ни озвозможи во склад со Словото да делуваме во секојдневниот живот. Тоа делување е плод на односот на љубовта кој дава смисла на служењето и слушањето.

Летиција Магри

 

[1] Лк 10,40. Глаголот perispàomai има двојно значење: може да значи „да се биде многу зафатен/ да се биде изразено оптеретен.“, како и „да се биде рстресен“.

[2]   К. Лубик, Слово за живот, јули 1980.

Категорија: Духовност

За авторот