„Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.“ (Матеј 5,9)
Неодамна една работна група, основана од три италијански универзитети, објави дека во текот на една година на интернет биле објавени повеќе од еден милион пораки исполнети со омраза. Сè почести се насилните пораки против странците, Евреите, а особено против жените. Јасно е дека не можеме да генерализираме, но секој од нас – во семејството, на работа, во спортот итн. – се сретнал со караници, навредливи и непријателски ставови што го разединуваат и поткопуваат општествениот соживот. Понатаму, на глобално ниво, денес во светот се водат 56 вооружени конфликти – најголем број од Втората светска војна – со огромен број цивилни жртви. Во таков контекст, зборовите на Исус одекнуваат провокативно, вистинито и посилно од кога било:
„Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.“
Секој народ, секој човек чувствува длабок копнеж за мир, слога и единство. И сепак, и покрај сите наши напори и добра волја, по илјадници години историја, сè уште не сме способни да постигнеме стабилен и траен мир. Исус дојде да ни донесе мир – мир, како што вели Тој, „не како што го дава светот“ [1] – затоа што мирот не е само отсуство на војна, конфликт, поделба или траума. Неговиот мир е сето тоа, но и многу повеќе: тој е полнота на животот и радоста, целосно спасение на човекот, слобода, правда и братство во љубовта меѓу сите народи[2].
Словота на животот за овој месец е седмото блаженство, со кое започнува Беседата на гората (Мт 5, 7). Исус, кој ги воплотува сите блаженства, им се обраќа на своите ученици и ги поучува. Важно е да се напомене дека сите осум блаженства се изразени во множина. Оттаму можеме да заклучиме дека нагласокот не е ставен само на индивидуалниот став или личните доблести, туку на колективната етика што се остварува во заедницата.
„Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.“
Кои се миротворците? Ова „блаженство е најактивно, најизразено во делување; глаголот што се користи е сличен на оној во првиот стих на Библијата при создавањето и означува иницијатива и творечка дејност. Љубовта по својата природа е создателна […] и тежнее кон помирување по секоја цена. Тие што ја научиле уметноста на мирот и ја практикуваат, се нарекуваат синови Божји; знаат дека нема вистинско помирување без дарувањето на сопствениот живот и дека мирот мора да се бара секогаш и по секоја цена. […] Тоа не е самостоен чин, плод на човечките способности, туку пројава на благодатта што ја примаме од Христос, Кој е нашиот мир и Кој нè направи Божји чеда“[3].
„Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.“
Како можеме да го живееме ова Слово? Пред сè – така што ќе ја шириме вистинската љубов насекаде. Потоа, да реагираме кога мирот околу нас е загрозен. Понекогаш е доволно со љубов и целосно внимание да ги слушнеме страните во конфликт и така да се го начнеме решението. Понатаму, да не се откажуваме додека повторно не се воспостават нарушените односи – кои често се прекинуваат без вистинска причина.
Можеби во рамките на организацијата, здружението или парохијата на која припаѓаме, би можеле да започнеме посебни иницијативи за поттикнување на свеста за потребата од мир. Низ целиот свет постојат безброј големи и мали иницијативи што делуваат во тој правец: маршеви за мир, концерти и конференции. И самото волонтерство создава бран на дарежливост што гради мир.
Постојат и програми за воспитување за мир, како што е програмата Living Peace.[4] Досега на овој проект се приклучиле повеќе од 2600 училишта и групи, а повеќе од два милиони деца, млади и возрасни се вклучени во неговите активности на пет континенти. Една од иницијативите е „Коцка на мирот“ – инспирирана од „уметноста на љубовта“ на Кјара Лубик[5] – на чиите страни се запишани реченици што помагаат во градењето на мирот. Вредно е да се спомне и иницијативата „Time Out“, распространета низ целиот свет: секој ден во 12 часот е момент за молк, размислување или молитва за мир.
Подготвиле: Аугусто Пароди Рејес и тимот на Слово на животот
[1] Спореди Ив 14, 27.
[2] C. Lubich, Riječi za život, siječanj 20024.
[3] Papa Franjo, Opća audijencija. Kateheza o blaženstvima. Srijeda, 15. travnja 2020.
[4] http://livingpeaceinternational.org.
[5] C. Lubich, Umijeće ljubavi, Novi svijet, Zagreb 2005.

